- Владата и пратениците и по една недела од донесувањето на одлуката на Уставниот суд за платите на функционерите, размислуваат како да ги земат повисоките плати, а да не го подгреат дополнително револтот кај граѓаните и кај вработените во јавниот сектор кои бараат повисоки плати и усогласување со минималната плата.
- После соопштението од владата дека размислува како да не бидат покачени платите, нема никакви информации што се планира. Молчат и пратениците кои имаат шанса преку предложени измени да стават ред во платите на функционерите.
- Експерти, поранешни пратеници и претставници од бизнисот сметаат дека владата треба добро да се пресмета пред да одлучи што всушност ќе менува во законот, дали тоа ќе биде основицата на платата или коефициентот, или и двете.
- Рамзан Кадиров, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, е реизбран за петти мандат како лидер на јужниот регион Чеченија, со 99,85% од гласовите, соопшти руската изборна комисија.
- Имал двајца противкандидати, кои добиле по 0,05% од гласовите.
- Кадиров го подобри резултатот од 2021 година, кога освои 99,73%.
- Немаше изненадувања ни на изборите за пратеници за руската Државна Дума, први откако почна војната во Украина. Партијата Обединета Русија на Путин освои рекордни 355 од вкупно 450 мандати, Комунистичката партија освои 40 пратеници, а националистите од ЛДПР 25.
- Путин го претстави гласањето како „тест за јавната поддршка за специјалната операција“ во Украина, но повеќето политичари кои отворено се спротивставуваа на војната беа спречени да се кандидираат. На либералната партија „Јаблоко“ не ѝ беше дозволено да истакне листа на национално ниво.
- Русија спроведе избори и на Крим, кој го анектираше во 2014 година, како и во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луханск, Запорожје и Херсон. Украина ги прогласи изборите таму за незаконски. Европската Унија исто така објави дека нема да го признае гласањето на окупираните територии ниту резултатите.
- Италијанската премиерка Џорџа Мелони најави планови за забрана на облека што го покрива лицето, како што се бурка и никаб, во училиштата, за ограничување на бројот на странски ученици во паралелки и обврска за родители на странски ученици да го научат италијанскиот јазик.
- „Италијанските училишта треба да останат места каде што учениците можат да комуницираат, да учествуваат и да се интегрираат во општеството, изјави Мелони пред младинското крило на нејзината партија Браќа на Италија.
- Франција, Белгија, Данска и Австрија имаат ограничувања за облека што го покрива лицето, а Швајцарија лани воведе национална забрана.
- Мелони ги претстави мерките како прашање на слобода и еднаквост на жените. Истакна дека ниту една традиција не смее да се користи за да се принуди млада жена да го крие своето лице. Предлогот не се однесува на марамите и хиџабот, кои не го покриваат лицето.
- Законското ограничување на бројот на странски ученици во иста паралелка е насочено кон интеграцијата. „Ако само мал број ученици имаат тешкотии со зборувањето италијански, наставниците и соучениците можат да им помогнат“, објаснува Мелони. Во училиштата низ Италија денес има 11,6% деца кои не се италијански државјани.