Уапсен е Миле Кекин, поранешниот фронтмен на групата Хладно пиво и сопруг на пратеничката Ивана Кекин, во врска со купување имот во Бује на Истра. Кекин наводно е обвинет за предизвикување штета помала од 7.000 евра.
Одделението за борба против организиран криминал и корупција (УСКОК) на Хрватска ја приведе и поранешната шефица за просторно планирање на Бује, а се претресува и градската управа и канцеларијата на градоначалникот.
„Мислите ли дека некој што може да заработи толку пари за еден саботен концерт би се изложил на кривично гонење? Секако дека не. Ова е наместено и политички инструментализирано“, изјави пратеничката Сандра Бенчиќ.
Аферата „Вила на Бује“ беше отворена спроти претседателските избори, на кои Ивана Кекин настапи како кандидатка на партијата Можемо. Таа ги отфрли критиките дека со сопругот незаконски го купиле имотот што го реновирале и привремено го изнајмуваат.
„Сè што сме стекнале во животот сме го заработиле со сопствени раце. Јас сум специјалистка за психијатрија, мојот сопруг е рок-ѕвезда, една од најголемите на овие простори. Мојот имот е пријавен, поголемиот дел стекнат пред да влезам во политиката“, изјави тогаш Ивана Кекин.
Концентрацијата на богатството кај мала група луѓе во 27 земји од светот го надминала нивото во кое 0,1% од возрасната популација поседуваат повеќе од најсиромашните 80% од жителите.
Јазот е најдлабок во Русија, а најмалку е изразен во Словачка.
Македонија според оваа класификација е меѓу земјите со порамномерна распределба на богатството.
Јужна Африка нуди впечатлив пример за тоа колку можат да бидат трајни овие разлики. Студија што го опфаќа периодот од 1993 до 2017 година покажа дека немало трајно намалување на нееднаквоста во богатството по крајот на апартхејдот.
Разговорите на администрацијата на Трамп со Русија за крај на војната во Украина се проширија со нафтен договор вреден повеќе милијарди долари, од кој би профитирале деловни луѓе од Блискиот Исток поврзани со двајцата главни американски преговарачи, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Договорот се однесува на голем број нафтени полиња, рафинерии и бензински пумпи ширум светот во сопственост на „Лукоил“, една од најголемите руски енергетски компании.
Откако администрацијата на Трамп лани воведе санкции против „Лукоил“, компанијата реши да го продаде својот имот во странство. Министерството за финансии на САД дисквалификува неколку потенцијални купувачи на „Лукоил“.
Сега е договорено имотот да биде продаден на група во која учествува инвеститорот Тод Боли, кој донирал 2 милиони долари за политичките цели на претседателот Трамп, на две групи од Блискиот Исток кои соработувале со Кушнер или Виткоф, како и еден огранок на американската влада.
На средбата со Виткоф и Кушнер во Кремљ на 5 септември, Путин предложил договорот да се реализира „како начин да им се покаже на Русите дека можат да соработуваат со САД“. Виткоф и Кушнер имале директна улога во преговарањето за финансиските услови, за да се обезбеди „значителна авансна исплата и удел за САД во добивката“, пишува Њујорк тајмс.