- Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против осуммина: поранешниот градоначалник на Сарај, секретари и раководители на општината, раководител на секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје како и еден надзорен инженер.
- Се товарат за несовесно работење во службата и фалсификување деловни книги.
- Се работи за катастарска парцела во Сарај која надвор од законите добила одобрение за градба и пресметки за надомест а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.
- Од ујдурмата, „Азра Идриз“ од село Глумово, Скопје се стекнал со противправна имотна корист во износ од преку 1,76 милиони евра, се наведува во пријавата.
- По воведувањето санкции за руските нафтени компании, САД ги исцрпија опциите како да го притиснат Кремљ да преговара за мир во Украина, изјави државниот секретар Марко Рубио. „Не остана нешто за да му воведеме санкции. Ги удривме нивните големи нафтени компании. Тоа беше она што сите го бараа“, изјави Рубио.
- САД ги замрзнаа трансакциите на двете најголеми руски нафтени компании Роснефт и Лукоил и на нивните филијали низ светот, во обид да ги запрат најголемите извори за финансии за руската војна во Украина. Одлуката стапува на сила на 21 ноември.
- Премиерот Виктор Орбан го убеди Доналд Трамп Унгарија барем уште една година да добива руска нафта за да ја спаси економијата. Тоа го бараат и Романија и Бугарија, кои ќе останат без големи рафинерии на Лукоил. „Воведуваме санкции за да се почитуваат. Зошто би ги воведувале ако не се почитуваат?“, забележа Рубио.
- Европската Унија досега воведе 19 пакети на разни санкции за Русија - за банки, за течен природен гас, за тргување со криптовалути и за флотата танкери во кои наводно се шверцува нафта. Тие до некаде ја влошија економската ситуација во Русија, но тоа не се гледа на бојното поле во Украина.
- Киев тврди дека уште има што да се казнува во Русија. „Уште повеќе нафтени компании, уште банки, инфраструктура и воени компоненти. И исплати. И Арктикот. Ќе им го објасниме тоа на САД и на другите партнери“, изјави Владислав Власјук, специјален претставник за санкции на претседателот Володимир Зеленски.