- Платформата Truth Social на Доналд Трамп понуди нова услуга за привилегиран и ран пристап до објави на најактивните профили. Иако не е директно спомнат, се алудира на профилот на Трамп, кој има 13 милиони следбеници.
- Бизниси и лица што може да си дозволат да плаќаат 100.000 долари месечно за услугата Truth API ќе имаат „директен и лиценциран пристап во реално време на објавите на платформата“. Другите ќе имаат пристап до објавите со задоцнување.
- Критичарите тврдат дека услугата е очигледен пример за манипулација на пазарот и тргување со инсајдери. Трамп постојано преку Truth Social ги објавува своите најважни одлуки, особено оние што се поврзани со војната во Иран и со царините. Досега имало низа случаи на добивки од сомнителни трансакции на берзите и од облози направени непосредно пред претседателот да објави промени во политиката.
- Сенаторите Адам Шиф и Елизабет Ворен ја повикаа Комисијата за хартии од вредност да ја испита новата услуга и да истражи дали Truth Social го крши законот. „Се чини дека ова е скандалозна злоупотреба на функцијата на претседателот за негова лична корист што ги поткопува секојдневните инвеститори и интегритетот на нашите пазари, а воедно ги збогатува Волстрит и другите богати инсајдери“, напишаа сенаторите.
- Првиот човек на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, го обвини Брисел дека го поткопува европското воздухопловство преку нееднакви давачки за јаглеродни емисии. Повисоко ги оданочува летовите во рамките на ЕУ, а ги ослободува американските и кинеските авиопревозници, иако тие испуштаат повеќе штетни гасови.
- Според Евроконтрол, летовите на долги релации претставуваат само 6% од вкупниот број во Европа, но создаваат 53% од емисиите на јаглерод. Сепак, спаѓаат под поевтината категорија на ОН за компензација, а не во внатрешниот систем на на ЕУ.
- Европската комисија предложи од 2029 година да ги прошири мерките врз одредени летови што поаѓаат од Европа, но тоа нема да важи за подолгите рути и летовите што пристигнуваат од САД и Кина.
- „Урсула фон дер Лајен се плаши да направи нешто освен да зборува. Таа е бескорисна. Европа има патоказ за поголема конкурентност – тоа е Извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една од неговите препораки не е спроведена, а Урсула фон дер Лајен се крие во зградата 'Берлемон' и не прави ништо, освен што држи говори“, изјави О'Лири за Еуроњуз.
- Фирми за кибернетска безбедност регистрирале милиони напади врз веб-страници откако беа објавени критични пукнатини во програмскиот јазик PHP на кој се потпира интернетот.
- „Десет часа пред објавувањето на ранливоста, забележавме илјадници обиди за злоупотребување на мрежата. Таа бројка се зголеми на десетици илјади во 45-те минути по објавувањето, на стотици илјади во рок од 2 часа, а сега достигна милиони“, изјави Метју Принс, директорот на Cloudflare.
- Додека се надградува заштитата на серверите, во прекин се многу владини, даночни, банкарски, авионски и железнички услуги од Финска до Јапонија.
- „Тоа беше долг ден и долга ноќ, за сите што работат во информатичкиот и безбедносниот сектор. Вакво нешто не сум видел многу, многу долго време“, изјави Сатја Надела, извршниот директор на Микрософт.