- По притисок од Доналд Трамп и Белата куќа, ФИФА неочекувано му ја укина автоматската забрана за настап на американскиот фудбалер Фоларин Балогун откако доби црвен картон на натпреварот против БиХ. Црвениот картон не му е поништен, но вечерва ќе може да настапи против Белгија.
- Трамп уште во четвртокот телефонски му се јавил на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и побарал управното тело на светскиот фудбал да го преиспита исклучувањето. Инфантино одговорил дека нема никакво влијание врз дисциплинската комисија, која е надлежна за казните.
- ФИФА објасни дека суспензијата била поништена врз основа на ретко користен член од правилникот. Не објави како гласале 18-те члена во Дисциплинската комисија.
- Извори на „Политико“ велат дека министерот за трговија Хауард Лутник и други функционери веднаш по натпреварот САД-БиХ активирале планови за пронаоѓање основа за укинување на суспензијата на Балогун. Таквата одредба била пронајдена по четиридневно координирано лобирање, правни маневри и дипломатија од Овалната соба до седиштето на ФИФА во Цирих. Белата куќа ги дала на располагање своите официјални адвокати.
- Белгиската фудбалска федерација најави жалба на одлуката на ФИФА. „Не знаев дека Први април е на 5 јули во календарот на ФИФА. Федерацијата не го брани националниот тим, туку го брани општо фудбалот, неговиот интегритет и неговата етика“, изјави селекторот на белгиската репрезентација Руди Гарсија.
- Министерот за одбрана Пит Хегсет вчера му додели „Заеднички медал за пофалба во службата“ на војникот Томас Иглесијас, кој претходниот ден гласно го укори пред Гробот на незнајниот јунак во Арлингтон.
- При посетата на споменикот на Денот на ветераните, Хегсет и неговите придружници гласно се смееја и разговараа. Припадникот на „Старата гарда“ им подвикна дека така не се изразува почит кон загинатите војници.
- Хегсет го прифати укорот и ѝ се заблагодари на „Старата гарда“ за придржување до стандардите.
- „Браво. Специјалист. Продолжете така, патриоти“, напиша Хегсет на социјалните мрежи.
- Москва побара од европските лидери да покажат дека се залагаат за мир, ако сакаат да се вклучат во преговорите на САД со Русија за крај на војната во Украина и за поширок безбедносен аранжман на континентот.
- „Европејците прво треба да одлучат дали се за мир или за војна. Досега, сите нивни конкретни потези укажуваат дека се за второто“, изјави Јуриј Ушаков, помошник на претседателот Путин.
- Американските мировни пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои вчера ја посетија Москва, претходно изјавија дека Кремљ се согласил Европа да има свои претставници на преговорите.
- „Европејците ќе се приклучат на следниот состанок, што го сметаме за многу важен момент, бидејќи тие се наши партнери и за нас е важно да учествуваат“, изјави Виткоф.
- „Претседателот Трамп предлага да се постигне договор за механизмите за европската безбедност во целина. Што слушаме од Европејците? Не, само откако ќе завладее мир во Украина. Но, штом ќе завладее мир во Украина, тие имаат намера да распоредат војници на нејзина територија, што би значело продолжување на војната“, им кажал Путин на американските пратеници.
- Лидерите на ЕУ денеска ќе разговараат за избор на специјален пратеник за мировниот процес. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Европа со единствен став и претставник е предуслов за вклучување во преговорите. „Европејците се караат како пајаци во тегла“, изјави Песков.