- Володимир Зеленски се закани дека ќе му испрати свои луѓе на домашна адреса на Виктор Орбан, ако Унгарија не ја повлече блокадата на заемот од ЕУ за Украина од 90 милијарди евра.
- „Се надеваме дека едно лице во Европската Унија нема да ги блокира 90-те милијарди евра и дека украинските борци ќе добијат оружје. Во спротивно, адресата на ова лице ќе им ја дадеме на наши војници за да поразговараат со него на нивниот јазик“, предупреди Зеленски.
- „Овие закани и уцени отидоа далеку над секоја прифатлива граница. Ова е скандалозно. Нема место за лични емоции во вакви работи. Унгарија нема да биде заплашена и нема да подлегнеме на уцени, објави портпаролот на Орбан, Золтан Ковач.
- Будимпешта и Братислава ја обвинуваат Украина дека намерно не ја поправа штетата на нафтоводот Дружба, за да не доаѓа руска нафта до Унгарија и до Словачка. Орбан предупреди дека Унгарија ќе ги запре сите иницијативи на ЕУ за помош на Украина додека нафтоводот е блокиран.
- Финска планира да ја укине забраната за поставување нуклеарно оружје на нејзината територија, за да ги исполни стандардите на НАТО за колективна одбрана.
- Законот за нуклеарна енергија усвоен во 1987 година забранува увоз, производство, поставување и детонирање нуклеарни експлозиви на финска територија. Финска беше неутрална земја во времето на Студената војна, но реши да се приклучи на НАТО по руската инвазија врз Украина.
- Министерот за одбрана Анти Хоконе изјави дека забраната „повеќе не е релевантна“ и дека е невообичаена за членки на НАТО. Тој додаде дека Хелсинки не побарал распоредување нуклеарни проектили на финска територија и нема планови за нуклеарни тестирања во иднина.
- Романскиот претседател Никушор Дан изјави дека нема да дозволи поставување делови од нуклеарен систем на романска територија. „Како членка на НАТО, Романија е под нуклеарната заштита што ја нудат САД. Тоа не значи присуство на нуклеарни елементи на романска територија. На среден рок, нема шанси да бидеме домаќини на нуклеарни компоненти“, изјави Дан.
- Емануел Макрон пред неколку дена изјави дека Франција ќе го прошири својот нуклеарен арсенал и ќе им дозволи на европските партнери да прифатат француски воени авиони во мисии за нуклеарно одвраќање. Тој додаде дека Грција, Полска, Холандија, Белгија, Данска и Шведска би можеле да учествуваат на француските нуклеарни воени вежби.