- Претседателот Доналд Трамп најави дека може привремено да ги прекине тарифите за увоз на автомобили за да им остави повеќе време на производителите да ги прилагодат своите синџири за снабдување.
- „Гледам како да им помогнам на компаниите. Ќе им треба малку време за да го префрлат во САД производството од Канада, Мексико и други места“, изјави Трамп.
- Кога Трамп на 27 март ги објави царините од 25% за увоз на автомобили, ги опиша како „трајни“. Но, тој веќе објави „тајм аут“ од 90 дена за тарифите за увоз на сите производи од десетици земји, за да им остави време за билатерални преговори со САД за пофер трговска размена.
- „Не си го менувам мислењето, ама сум флексибилен“, изјави Трамп.
- Администрацијата на Доналд Трамп објави дека замрзнува 2,2 милијарди долари федерални средства за Универзитетот Харвард, неколку часа откако елитниот колеџ ја отфрли листата на барања од Белата куќа за „борба против антисемитизмот“.
- „Универзитетот нема да ја предаде својата независност или да се откаже од своите уставни права. Иако некои од барањата од владата се насочени кон борба против антисемитизмот, мнозинството се промени што би ѝ дале контрола на владата врз Харвард“, изјави претседателот на Универзитетот Алан Гарбер.
- Белата куќа побарала од Харвард да пријавува студенти кои се „непријателски“ кон американските вредности и ревизија на програмите и одделенијата „кои најмногу поттикнуваат антисемитско вознемирување“.
- Белата куќа претходно повлече 400 милиони долари федерално финансирање за Универзитетот Колумбија со образложение дека не ги заштитил еврејските студенти во својот кампус. Колумбија се согласи со неколку барања, поради што беше критикувана од студенти и професори.