По промената на власта во Будимпешта, поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро и неговиот заменик Марчин Романовски ја напуштиле Унгарија која им даваше политички азил од судско гонење во нивната земја во врска со обвиненија за криминал.
Новиот унгарски премиер Петер Маѓар, кој завчера официјално ја презеде функцијата, најави дека ќе ја укине заштитата што поранешната влада на Виктор Орбан им ја даваше на странски функционери и политичари обвинети за криминал.
Зјобро во Полска се соочува со 25 години затвор во врска со обвиненија за злоупотреба на моќ и пари. Обвинителите тврдат дека пренасочил 40 милиони евра од фонд за жртви на насилство за да купи израелски софтвер за надзор Пегасус за таргетирање на политичките противници.
Актуелниот министер за правда Валдемар Журек потврди дека Зјобро во саботата бил забележан на меѓународниот аеродром во Њу Џерси и најави дека Варшава официјално ќе побара од САД негова екстрадиција. Неговиот соработник Романовски уште во април го напуштил својот стан во Будимпешта.
Зјобро ги отфрла обвиненијата и тврди дека е жртва на политички прогон. „Подготвен сум да се појавам пред кој било независен суд, а американскиот е секако независен. Ако сакаат, можат да покренат екстрадиција, но тоа е тешка постапка во американските судови“, изјави Зјобро.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.