- Француската полиција за кибернетски криминал со поддршка од Европол упадна во париските канцеларии на платформата X на Илон Маск, во врска со истрага за „политичка пристрасност на алгоритмите“.
- Истрагата е отворена во јануари 2025 година, откако либералниот пратеник Ерик Боторел јавно изрази загриженост поради „мешање во управувањето“ со платформата откако беше купена од Маск.
- Директорот за сајбер безбедност во државната служба поднесе посебна жалба поради „промените во алгоритмот на X што ја засилиле непријатната политичка содржина“,
- „Истрагата беше проширена по други извештаи во кои се осудува работењето на Grok на платформата X, што доведе до ширење содржина за негирање на Холокаустот и сексуални дипфејкови“, соопшти Обвинителството.
- Сопственикот Илон Маск и поранешната директорка Линда Јакарино се повикани на „доброволно сослушување“ на 20 април во Париз. Како потенцијални сведоци, повикани се и вработени во компанијата.
- Иран формира нова дигитална платформа за осигурување „Ормуз сејф“, како ново владино тело за управување со бродскиот сообраќај низ Ормускиот проток. Платформата ќе се потпира на плаќања со криптовалути.
- Според планот на Министерството за економија, управувањето со теснецот преку рамка за осигурување би овозможило издавање на разни полиси за поморско осигурување, како и сертификати за финансиска одговорност, наместо да се наплаќа „патарина“. При идеални околности, ова би можело да генерира до 10 милијарди долари приходи за Техеран.
- Планот ќе почне со осигурување кое покрива инспекција, задржување и конфискација на бродови. Штетата од воени напади нема да биде покриена.
- „Овој модел би бил прифатлив за другите земји во мирно време, а сепак би му дозволил на Иран да врши контрола врз теснецот“, објави државната новинска агенција Фарс.
- Молдавските лидери ја осудија како „закана“ одлуката на Владимир Путин да го поедностави процесот на давање руско државјанство на жителите на регионот Придњестровие, кој се отцепи од Молдавија пред 36 години.
- Една половина од жителите на Придњестровие веќе имаат руско државјанство. Декретот на Путин објавен во петокот им овозможува на уште 350.000 луѓе да добијат руски пасоши без да го исполнат условот за постојан престој во Русија.
- „Ова е начин повторно да ни се закануваат, бидејќи на Русија не ѝ се допаѓаат нашите акции за реинтеграција. Веројатно им требаат повеќе луѓе за да испратат во војната во Украина“, изјави молдавската претседателка Маја Санду.
- Рускиот амбасадор во Кишињев, Олег Озеров, изјави дека потегот е од хуманитарни причини, во согласност со меѓународното право, поради „зголемениот притисок“ од Молдавија врз Русите. Тој ги оцени реакциите како „лицемерие“, бидејќи Молдавија им дозволува на нејзини граѓани да добиваат романски пасоши.
- Придњестровие се отцепи во 1990 година, кога Молдавија сè уште беше советска република. По двегодишен судир со повеќе од 1.000 жртви, двете страни се во мир, заштитуван од контингент од 1.500 руски војници. Регионот има свои политички институции - парламент, војска, полиција и поштенски систем.