- На Пентагон итно му се потребни 80 милијарди долари за да ги покрие трошоците од војната во Иран и распоредувањето на трупи околу Персискиот залив.
- Заменик-министерот за одбрана Стивен Фајнберг ги предупредил конгресмените дека Пентагон нема доволно пари за воени вежби и обука планирани за ова лето.
- Кон средината на мај, Пентагон ги процени трошоците од војната на 29 милијарди долари. Сега веројатно се повисоки. Вкупната цена на војната не е позната.
- Буџетот на Пентагон за тековната фискална 2026 година е приближно 1 билион долари. Секое додавање на оваа сума мора да биде одобрено од Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа пред да стигне до Конгресот.
- Полската европратеничка Ева Зајачковска-Херник ја нападна одлуката на Зеленски да ја рехабилитира паравоената организација УПА која во времето на Втората светска војна соработуваше со нацистичките СС единици.
- Зеленски најави дека една воена единица ќе го носи името „Хероите на УПА“. Украинците ја сметаат Украинската бунтовничка армија за симбол на отпорот против Москва. Во Полска е омразена поради учеството во масакрот врз околу 100.000 Полјаци кон крајот на Втората светска војна - чин што се смета за геноцид.
- „Кога Германците би именувале воена единица ‘Херои на СС’ и би подигнале споменици на Хитлер, Химлер, Гебелс и Ајхман, дали би ги поканиле во ЕУ? Не. Би ги нарекле неонацисти – и тоа со право... Нема морална разлика меѓу величањето на СС и на УПА, бидејќи двете организации биле втемелени врз ист култ на моќ и етничка омраза“, изјави Зајачковска-Херник.
- „Маршот на Украина кон Европа под знамињата на геноцидот е срам. Како Полјаци, никогаш не требаше да се согласиме Украина да влезе во Европа“, додаде европратеничката и на крајот од обраќањето го искина црвено-црното знаме на УПА.
- Поради обидите за рехабилитирање на УПА, полскиот претседател Карол Навроцки неодамна му го одзеде на Зеленски највисокото државно одликување - „Орденот на Белиот орел“.
- Европскиот парламент ја реактивираше за уште две години мерката Chat Control 1.0, која им дозволува на онлајн платформите доброволно да вршат надзор врз приватни пораки за да откриваат материјали за сексуална злоупотреба на деца.
- Иако противниците на мерката ги надгласаа поддржувачите со 314-276 не беше достигнато потребното мнозинство од 361 глас за блокирање на иницијативата. За трикот со гласањето пишувавме тука.
- Предлагачите на мерката тврдат дека контролата на комуникациите е на доброволна основа, не ја нарушува енкрипцијата и не им дава на владите директен пристап до пораките.
- Критичарите предупредуваат дека заштитата на децата се користи како оправдување за масовен надзор на приватните пораки на милиони граѓани, кои не се осомничени за ништо.