- Кол Томас Ален, кој пукаше на гала-вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа во хотелот Хилтон, е обвинет за атентат врз претседателот на САД и се соочува со доживотен затвор.
- 31-годишниот маж од Калифорнија, се соочува и со обвиненија за нелегално пренесување огнено оружје преку сојузни држави и за пукање од огнено оружје при насилно кривично дело.
- При инцидентот во хотелот тој пукал од сачмарка, а носел и полуавтоматски пиштол и три ножа.
- Своите мотиви ги опишал во манифест што непосредно пред нападот го испратил до своето семејство. Во него пишува дека сака да ги ликвидира сите владини функционери „од највисокиот до најнискиот“.
- Герман Греф, директорот на најголемата руска банка Сбербанк, повика војната во Украина да запре „што е можно побрзо“.
- Тој е еден од ретките високи раководители лојални на Кремљ што се спротивставил на војната, која во изминатите месеци почна сериозно да ги оптоварува економијата и финансискиот систем на Русија.
- „Мислам дека сите сме загрижени за истото. Нема ниту еден човек во земјата кој е загрижен за нешто друго освен за брзо завршување на воената акција. Тоа е очигледно“, рекол Греф на состанок со акционерите.
- Сбербанк е најголемата банка во Русија, контролира огромен дел од штедните влогови и корпоративните кредити во земјата. Со оглед на тоа што е во мнозинска сопственост на руската влада, таа претставува столб на банкарскиот систем на земјата.
- Новата унгарска влада го укина статусот на бегалец на поранешниот полски министер за правда Збигњев Зјобро и на неговиот заменик, кои избегаа во Будимпешта откако во својата земја беа обвинети за за злоупотреба на службената должност.
- Поранешниот премиер Виктор Орбан им додели азил на Зјобро, неговата сопруга и на заменикот Марчин Романовски, кој исто така е соочен со обвинение.
- Зјобро и Романовски се соочуваат со обвиненија за злоупотреба на пари од фонд за помош на жртвите на криминал. Тие ги отфрлаат обвиненијата и тврдат дека се жртви на политички „лов на вештерки“ бидејќи истражувале злоупотреби од страна на луѓе блиски до сегашниот полски премиер Доналд Туск.
- Двајцата веројатно повеќе не се во Унгарија. На 9 мај - денот кога новиот унгарски премиер Петер Маѓар положи заклетва – Зјобро бил забележан на аеродром во САД, а не е познато каде се наоѓа Романовски.