- Литванија ги затвори двата гранични премини со Белорусија поради зачестените инциденти со шверц на цигари со балони преку границата, изјави премиерката Инге Ругиниене. Премините ќе останат затворени најмалку до среда. Ќе се пропуштаат само граѓани на Литванија, на членки на ЕУ и лица со дипломатски пасоши.
- Аеродромот во Вилнус три вечери по ред откажуваше летови поради приближување на шверцерски балони во зоната што ја користат патничките авиони. Привремено бил блокиран и аеродромот во Каунас, кој е подалеку од Белорусија. Во изминатата недела биле одложени или пренасочени 170 летови што погодило речиси 30.000 патници.
- Премиерката објави дека силите за безбедност ќе добијат право да ги соборуваат балоните што ќе навлезат во литвански простор. Тоа се балони на топол воздух натоварени со штеки цигари. Поевтини се од беспилотни летала и може да носат поголем товар. Лани од Белорусија долетале 966 шверцерски балони.
- Минск ја оцени оваа одлука како „провокација, со цел да се прошират антибелоруските политики и да се засилат санкциите“.
- Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
- Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
- Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
- За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
- Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
- Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
- Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
- Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
- Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
- Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.