Владата на Канада достави до парламентот предлог-закон за забрана на пристап до социјални мрежи за деца и тинејџери помлади од 16 години. Ќе се воспостави проверка на возраста.
Исклучок ќе бидат платформите што ќе докажат дека воспоставиле ефикасни заштитни мерки за пристап до штетни содржини - поттикнување насилство, омраза, самоповредување и споделување интимни слики без согласност.
Се создава и Комисија за дигитална безбедност, која ќе треба да дефинира критериуми и ограничувања за пристап до четботови со вештачка интелигенција.
Австралија лани беше првата земја што забрани социјални мрежи за лица под 16 години. Слични закони се во процедура во Франција, Данска, Полска и Грција.
Според проценките на канадската влада, може да помине цела година додека законот не биде усвоен од Парламентот во Отава, а потоа уште година и пол за воспоставување на новото регулаторно тело.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.