- Поради бришење на ставот 5 од членот 353 за злоупотреби при јавните набавки, наместо најмалку 5 години затвор, на поранешниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, сега му се заканува поблага казна.
- Со денешната преквалификација, судењето за Зекири по втор пат почнува од почетокот. Поради намалената запретена казна, му се укина и домашниот притвор, па во иднина ќе се брани од слобода.
- Тој и денеска се изјасни за невин за тврдењето на обвинителството дека во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги за транформација на АД Пошта и Железници, од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795. 000.
- Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, побара Украина да ја спушти возраста за мобилизирање затоа што сè потешко може да најде војници откако рекорден број мажи заминаа во Европа.
- „Порано 18-годишници служеа во армијата, но тоа се деца. Сега се мобилизираат на возраст над 25 години. Може да се спушти границата на 22 или 23 години“, изјави Кличко.
- Повеќе од 100.000 млади Украинци заминале во европските земји откако владата во август им дозволи на младите мажи на возраст од 18 до 22 години да ја напуштат земјата. Само во септември европските земји им дале привремен азил на 79.000 Украинци, рекорден број во еден месец откако почна војната.
- Кличко вели дека иднината на земјата зависи од тоа дали младите ќе се вратат кога ќе заврши војната. „Би биле пресреќни ако половина од младите се вратат. Но, за тоа ни се потребни мир, работа и квалитет на животот“, изјави Кличко.
- Против Екрем Имамоглу, притворениот градоначалник на Истанбул, се покренати 142 обвиненија за корупција, за кои е предвидена вкупна казна од 2.340 години затвор.
- Обвиненијата на вкупно 3.700 страници се однесуваат на случаи за проневера, измама и перење пари. Покрај Имамоглу, уште 402 лица од криминалната организација „октопод“ се обвинети за предизвикување штета од вкупно 160 милијарди лири (3,3 милијарди евра) во изминатата деценија.
- Целта на организацијата, според обвинителите, била преземање контрола врз Републиканската партија и собирање фондови за претседателската кампања.
- Имамоглу, кој е во притвор од 19 март, ги отфрла сите обвиненија и тврди дека е жртва на политички прогон, како главен противник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.