Грција од идната година ќе блокира пристап до социјалните медиуми за деца и тинејџери помлади од 15 години, објави премиерот Киријакос Мицотакис. Предлог-законот ќе биде поднесен до Парламентот во текот на летото, за да може да стапи на сила на 1 јануари 2027 година.
„Сигурен сум дека многумина од помладите ќе ми се лутат. Да бев на ваша возраст, можеби ќе се чувствував исто. Но, зависноста предизвикана од дизајнот на некои апликации, моделот на правење профит од вашето внимание, од тоа колку време поминувате пред екранот на мобилниот телефон и одземањето дел од вашата невиност и слобода, мора во некој момент да заврши“, порача Мицотакис преку видео на ТикТок.
Конзервативната влада на Мицотакис веќе забрани употреба на мобилни телефони во основните и средните училишта и долго време најавуваше ограничувања на социјалните медиуми.
„Грција ќе биде меѓу првите земји што ќе преземат таква иницијатива. Но, сигурен сум дека нема да биде последна. Имаме намера да извршиме притисок врз Европската Унија во таа насока, додаде Мицотакис.
Британија, Франција, Португалија и Шпанија, планираат слични ограничувања на младите за пристап до социјалните медиуми. Австралија беше првата земја што им забрани на лицата под 16 години да користат платформи на социјалните медиуми.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.