Во време кога се разгорува прелистувањето на милионите документи за Џефри Епстин, претседателот Трамп најави отворање на досие на друга тема за која има „огромен интерес од јавноста“ - за вонземјани и неидентификувани летечки објекти.
„Врз основа на огромниот покажан интерес, ќе му наложам на секретарот за војна и на другите релевантни оддели и агенции да почнат процес на идентификување и објавување на владини досиеја поврзани со вонземен живот, неидентификувани воздушни феномени и летечки објекти, како и сите други информации поврзани со овие многу сложени, но исклучително интересни и важни прашања“, напиша американскиот претседател.
Поранешниот претседател Барак Обама пред неколку дена во подкаст изјави дека „постојат вонземјани“, но потоа разјасни дека мислел теоретски, а не дека бил воспоставен контакт со нив или дека ги има во тајни магацини во воената база Област 51 во Невада. „Статистички, универзумот е толку огромен што има големи шанси дека таму некаде има живот“.
Трамп изјави дека со оваа изјава Обама споделил „доверливи информации достапни само за претседателот“.
Пентагон по Втората светска војна истражува извештаи за НЛО и вонземјани. Високи офицери во 2022 година објавија дека досега немало никаков доказ за контакт со вонземна технологија, но за многу случаи немаат прифатливо објаснување.
САД концентрираат на Блискиот Исток најголеми поморски и воздушни сили по инвазијата врз Ирак во 2003 година, предупредува Волстрит журнал.
Во водите близу Иран се носачот на авиони „Абрахам Линколн“ , девет разурнувачи и три борбени бродови, со нивните придружби. На пат е и носачот „Џералд Форд“ - најголем во светот, придружуван од три разурнувачи. Сега се кај Гибралтар. Кога ќе пристигнат, спроти Иран ќе бидат поставени речиси една третина од вкупните поморски сили на САД.
Во воздухопловните бази во регионот пристигнале или се на пат напредни авиони ф-35, ф-22, ф-15 и ф-16, како и воздушни танкери КЦ-135. Во регионот се доставени оружје и муниција доволно за војување со недели, не само за единечен удар.
Полскиот премиер Доналд Туск ги повика полските државјани итно да го напуштат Иран. Ги предупреди дека поради ризикот од воен конфликт им преостануваат само часови пред да се затвори временскиот прозорец за евакуација. „Ве молам заминете веднаш... и не одите во оваа земја под кои било услови“.
Цената на нафтата вчера скокна за 4% на над 71 долар за барелот „брент“ и продолжи да расте поради стравувањата на инвеститорите дека ќе биде загрозен извозот од Персискиот залив преку Ормускиот теснец, низ кој поминува една четвртина од глобалната трговија со нафта со танкери. Иран извезува 1,5 милион барели нафта на ден, главно за Кина.