- Румен Радев се откажа од претседателската функција, најверојатно за да формира партија што ќе настапи на новите вонредни парламентарни избори во Бугарија. Неговиот втор мандат требаше да заврши идната година.
- „Денес последен пат ви се обраќам како претседател. Денешната политичка класа ги изневери надежите на Бугарите и прави компромиси со олигархијата. Вашата доверба ме обврзува да ги заштитам државноста, институциите и нашата иднина“, порача Радев во обраќањето до нацијата.
- До новите избори, неговата функција ќе ја извршува потпретседателката Илијана Јотова.
- Иако Радев официјално не потврдил, бугарската јавност со недели шпекулираше дека тој сака да формира партија, со цел да победи на вонредните парламентарни избори.
- Доналд Трамп изјави дека „глупавата“ одлука на Британија да ги отстапи островите Чагос на Маврициус е една од причините зошто инсистира да го присвои Гренланд.
- „Шокантно, нашиот „брилијантен“ сојузник на НАТО, Обединетото Кралство, планира да му го предаде на Маврициус островот Диего Гарсија, местото на витална американска воена база, и тоа без никаква причина. Нема сомнение дека Кина и Русија го забележаа овој чин на целосна слабост... Давањето на исклучително важно земјиште од Британија е чин на ГОЛЕМА ГЛУПОСТ и е уште една од долгата низа причини зошто Гренланд мора да биде припоен заради националната безбедност“, порача Трамп.
- Британија потпиша договор од 3,4 милијарди фунти за отстапување на суверенитетот над островите Чагос на Маврициус. Според договорот, Британија на 99 години ќе го изнајмува најголемиот остров, Диего Гарсија, за да продолжи да оперира заедничката воена база што ја има со САД.
- Критичари велат дека договорот ѝ отвора можности на Кина да го прошири своето присуство во регионот на Индискиот Океан, поради нејзините блиски односи со властите на Маврициус.