- На денот кога истекува законскиот рок за Министерството за правда на САД да ги објави досиејата поврзани со Џефри Епстин, демократите од Комитетот за надзор на Конгресот објавија нови 68 снимки од архивите со вкупно 95.000 фотографии.
- На две фотографии го има основачот на Мајкрсофт, Бил Гејтс, прегрнат со девојки. На неколку го има лингвистот и политички активист Ноам Чомски, заедно со Епстин во приватен авион, како и десничарскиот активист Стив Бенон, поранешниот советник на Трамп, во канцеларијата на Епстин.
- Обелоденети се и снимки од пасоши на жени од Украина, Русија, Чешка, Јужна Африка и Литванија, при што се прекриени сите приватни податоци освен полот. Споделена е и преписка меѓу неидентификувани лица, кои пишуваат за „испраќање девојки“ и „1.000 долари по жена“.
- На други слики се гледаат рачно испишани цитати од романот „Лолита“ напишани на делови од женски тела. Авторот Владимир Набоков во романот пишува за сексуална опсесија на маж со малолетно девојче.
- Под силен политички притисок, претседателот Доналд Трамп на 19 ноември потпиша закон со кој Министерството за правда доби рок од 30 дена да објави поголем дел од досиејата и службената комуникација поврзана со Епстин, вклучувајќи и документи за неговото контроверзно самоубиство во затвор во 2019 година.
- Иран формира нова дигитална платформа за осигурување „Ормуз сејф“, како ново владино тело за управување со бродскиот сообраќај низ Ормускиот проток. Платформата ќе се потпира на плаќања со криптовалути.
- Според планот на Министерството за економија, управувањето со теснецот преку рамка за осигурување би овозможило издавање на разни полиси за поморско осигурување, како и сертификати за финансиска одговорност, наместо да се наплаќа „патарина“. При идеални околности, ова би можело да генерира до 10 милијарди долари приходи за Техеран.
- Планот ќе почне со осигурување кое покрива инспекција, задржување и конфискација на бродови. Штетата од воени напади нема да биде покриена.
- „Овој модел би бил прифатлив за другите земји во мирно време, а сепак би му дозволил на Иран да врши контрола врз теснецот“, објави државната новинска агенција Фарс.
- Молдавските лидери ја осудија како „закана“ одлуката на Владимир Путин да го поедностави процесот на давање руско државјанство на жителите на регионот Придњестровие, кој се отцепи од Молдавија пред 36 години.
- Една половина од жителите на Придњестровие веќе имаат руско државјанство. Декретот на Путин објавен во петокот им овозможува на уште 350.000 луѓе да добијат руски пасоши без да го исполнат условот за постојан престој во Русија.
- „Ова е начин повторно да ни се закануваат, бидејќи на Русија не ѝ се допаѓаат нашите акции за реинтеграција. Веројатно им требаат повеќе луѓе за да испратат во војната во Украина“, изјави молдавската претседателка Маја Санду.
- Рускиот амбасадор во Кишињев, Олег Озеров, изјави дека потегот е од хуманитарни причини, во согласност со меѓународното право, поради „зголемениот притисок“ од Молдавија врз Русите. Тој ги оцени реакциите како „лицемерие“, бидејќи Молдавија им дозволува на нејзини граѓани да добиваат романски пасоши.
- Придњестровие се отцепи во 1990 година, кога Молдавија сè уште беше советска република. По двегодишен судир со повеќе од 1.000 жртви, двете страни се во мир, заштитуван од контингент од 1.500 руски војници. Регионот има свои политички институции - парламент, војска, полиција и поштенски систем.