- Додека Албанија, Косово и Македонија отворено ја подржаа Украина и западните сојузници, дипломатското клатно на другите не застана ни на една страна.
- Воено неутрална, загледана во ЕУ а зависна од руски енергенти, Србија ќе проба да балансира меѓу двете страни сè додека е тоа можно.
- За хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, тоа што НАТО зголемува присуство во „корумпираната“ Украина, нема и нема да има врска со Хрватска. Премиерот Пленковиќ му се извини на Киев за ова и рече дека на Милановиќ мора да му паднал шеќерот штом изјавил такво нешто.
- Парламентарните избори во Израел завршија без јасен победник. Блокот на премиерот Бенјамин Нетанјаху освоил најмногу пратенички места во Кнесетот, но не и мнозинство што би му овозможило да формира влада.
- Партијата Ликуд на Нетанјаху освоила над 20% од гласовите и заедно со партнерите би добила 55 пратенички места. Опозицискиот блок на чело со Гади Ајзенкот има 49 места, според нецелосните резултати. Партиите на израелските Арапи ги освоиле преостанатите места, значително повеќе од досегашните 10.
- Излезноста на гласачите била 77,7% - највисоко ниво во последните речиси 30 години.
- Двата главни блока најавија дека нема да прават коалиција со арапските партии, но аналитичари не ја отфрлаат можноста Ајзенкот да се обиде да формира малцинска влада, која за клучните прашања би добивала поддршка од арапските партии во Кнесетот.
- Израелски коментатори шпекулираат за можноста за формирање влада на национално единство. Во таков случај, Нетанјаху би се откажал од своите сојузници од крајната десница и од ултраортодоксните партии, и би стапил во сојуз со Ајзенкот. Нетанјаху во 2020 година склучи сличен договор со опозицискиот лидер Бени Ганц, но нивната влада издржа само седум месеци.
- Во спротивно, Израелците ќе мора да одат на нови избори. Нетанјаху ќе остане премиер додека не биде избрана нова влада.
- Еден ден откако го призна поразот на претседателските избори во Бразил, Флавио Болсонаро заминал во САД, наспроти судската одлука да го предаде пасошот.
- Извори на ББЦ тврдат дека САД итно им издале виза на Болсонаро и членовите на неговото семејство. Флавио наводно веќе пристигнал во Флорида и се сретнал со помладиот брат Едуардо, кој живее во Тексас.
- Против Флавио Болсонаро во Бразил се води истрага за перење пари. Ако биде обвинет, Бразил може да побара да биде екстрадиран од САД.
- Таткото на Флавио – поранешниот претседател Жаир Болсонаро, отслужува казна од 27 години затвор поради учество во заговор за државен удар, по поразот на претседателските избори во 2022 година. Поради нарушеното здравје, казната ја отслужува во домашен притвор.
- „Флавио се откажа. Тој е преплашен. Загрижен е дека татко му ќе умре во затвор, дека тој самиот ќе заврши во затвор уште оваа недела, и дека го чека долга затворска казна“, изјави советник на Болсонаро.