OpenAI ѝ предложи на администрацијата на Трамп да и подари 5% од своите акции. Веќе се водат преговори за префрлање на средствата во суверен фонд, од кој би се исплаќале дивиденди на владините институции и на граѓаните.
Директорот Сем Алтман тоа го спакува како „споделување на придобивките од ВИ со јавноста“, но повеќе се смета како обид да се ослободи од притисоците од регулативните тела и да се добие наклонетост од администрацијата на Доналд Трамп. Претседателот неодамна јавно го критикуваше директорот на Интел, но омекна откако компанијата ѝ предаде на владата 10% од своите акции.
Спроти очекуваното настапување на берзите, вредноста на OpenAI е проценета на 852 милијарди долари. Тоа значи дека Алтман ѝ отстапува на владата акции од близу 42,6 милијарди долари.
Моделот за владино учество, за кој веќе се преговара, би требало да биде проширен и со другите лаборатории што развиваат вештачка интелигенција, но тоа нема да им биде наметнато на сила.
Антропик мораше да целосно да ги повлече своите најнапредни модели Mythos и Fable откако администрацијата на Трамп ги оцени како потенцијален безбедносен ризик и наложи дека не смее да им се дозволи пристап на странски државјани до моделите. Привремено беше блокиран и нов модел на OpenAI.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.