Техеран побарал од бунтовничките хути во Јемен да бидат спремни да го блокираат протекот Баб-ел-Мандеб, ако САД ги интензивираат нападите врз Иран со бомбардирање енергетски централи и мостови.
Проиранските бунтовници веќе распоредиле ракети и дронови на висорамнините кон протокот што ги поврзува Црвено Море и Аденскиот Залив. Воспоставиле контакти со милитантната група Ал Шабаб во Сомалија за да ги контролираат двата брега.
На најтесното место, Баб-ел-Мандет е широк 26 километри. За споредба, Ормускиот проток е широк 39 километри. Двете тесни грла никогаш не биле блокирани во исто време. При таква состојба се прекинува скратениот морскиот пат од Азија до Медитеранот преку Суецкиот канал. Бродовите мора да пловат околу Африка, што го продолжува транспортот за две недели.
Целосно би бил отсечен транспортот на саудиска нафта за пазарите во Азија. Низ Баб-ел-Мандеб поминува 10% до 12% од глобалната трговија со бродови, не само на нафтата.
Саудиска Арабија во понеделникот веќе отвори нов фронт во Јемен – ја ракетираше пистата на аеродромот во главниот град Сана, за да спречи слетување на ирански авион. Хутите возвратија со ракети кон Саудиска Арабија. Двете земји водеа десетгодишна војна, во која загинаа 377.000 луѓе, но главно го почитуваат примирјето склучено во март 2022 година.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.