Промоција на романот „Анаис од Монмартр”, (утре) во четврток, 19-ти октомври, во 20 часот. Локацијата е Литература.мк, на ул. Македонија.
Од Јана:
Пишувањето (и тоа непланирано) на првиот роман е една од најубавите работи што ми се случиле во животот. До тој степен, да сите околу мене ги терам да напишат роман. А преживување е вистинскиот збор, богами. Процесот е истовремено стресен и исполнувачки, луѓето околу тебе мораат да те трпат додека гледаш низ нив и смислуваш начин како да решиш некој заглавен дијалог додека ти прават муабет. Па, доаѓа на ред моментот кога треба да кажеш „еј, напишав книга“. Па, моментот кога треба да ја прочитаат луѓе што знаеш дека ќе бидат искрени ако е ужасна. И конечно, истите луѓе чиешто мислење ти е најбитно да ти речат „па ова е многу добро!“
Од Франкфурт, Бранка Бугариска, Арс Ламина:
„Првпат промовираме книги од жанрот романтична комедија, но според реакциите на посетителите кои дојдоа на промоцијата гледаме дека има интерес. Се одлучивме за директна промоција и поканивме дел од нашите партнери кои се овде во Франкфурт и веќе имаме најави за можно издавање и продажба на овие книги и во други земји,“
Од книгата:
Еспресото стигна сервирано во тегла, со дрвена лажичка.
Па, ова е ново.
Келнерот се насмевна и отшета гордо како тој лично да измислил тегли.
Го пробав кафето и одма се изнервирав. Разбирам дека градот е презаситен со кафичи, разбирам и колку мораат да бидат иновативни сопствениците за да привлечат муштерии, но мора да има граница за дозволени работи што смеат да се прават со безвременски нарачки како долго еспресо.
—
Си се карала со мајка? повтори Лукас кога по телефон му кажав што се случило.
– Се карав со глупа.
– Не смееш да се караш со мајки. Ќе те изедат. Звучеше исплашено. Жива ќе те изедат. Ќе те соџвакаат. Како да не можеше да најде достоен збор за тоа во колку опасна активност се впуштав.
—
Луѓето треба да се погледнат, кога ќе сфатат дека се сакаат и едноставно да си речат, здраво, јас те сакам, сакам да... Едноставно, да готвам додека ти читаш книги или да се бричам додека ти миеш заби или да видам некоја фотографија и да живеам за моментот кога ќе ти се јавам и ќе ти кажам колку многу би ти се допаднала. Сакам да патувам низ светот со тебе, да одам во секој град и да гледам како луѓето поминуваат додека пиеме кафе. Тоа е сосема легитимно запросување.
—
Разводот е еден од прекрасните подароци на општеството, заедно со легалниот абортус и пластичната хирургија.
Јана е автор на бавчата „Штикли на калдрма“
Јана е уредничка на рубриката Off Cafè
Наша Јана.