
Во Македонија има политичари кои и на аспиринот му задаваат главоболка. Толкава дрчност, простотилак и агресивност во освојување на власт не е видена ниту во времето на освојување на дивиот Запад. Кога ќе се споредат со нив, белите мечки се незаштитени и беспомошни суштества. За разлика од нормален човек, македонски политичар кога посетува зоолошката градина купува два билети. Едниот за влез а другиот за излез, за секој случај. Врвот на нивната интелигенција и храброст е да одржат прес-конференција и да се закануваат, без никакви морални и правни последици. А во суштина се најобични зихераши кои покрај ременот на панталоните носат и трегери, повторно за секој случај. Не сме тука да се вреѓаме, ама некои овдешни политичари толку се грди што и комарците ги касаат мижејќи!
Пред некој ден по грешка наместо телевизор вклучив машина за перење. Набргу сфатив дека тоа не е грешка. Напротив. За разлика од телевизијата која исфрла секаков „прљав веш”, машината нема такви хигиенски навики. Плус, машината за перење има ред, за секоја облека има адекватна програма. Во телевизиите нема ред. Во нивните програми доаѓаат гости кои во моментот се слободни или се претставуваат како „експерти”. Тие се оние што долго размислуваат пред ништо да не кажат. За разлика од аматерите кои воопшто не размислуваат и кажуваат сè и сешто. „Водителите“ поставуваат прашања, одговараат наместо вас и после ви велат дека не сте во право! Која е разликата помеѓу телевизиската програма и маслото за јадење? Маслото е рафинирано.
Горниот трач наслов треба да се оправда. За почеток ќе користиме документарна проза, според сведочењето на кумот Аљоша Симјановски. На една седенка пиеле црно вино и кога го поарчиле, Андреја од Шишево свртел на бело. Симјановски му рекол: „Андреја, да не ти стане тешко ако мешаш бело и црно вино?” Андреја со будистички мир му одговорил: “Аљошка, тешко е да мешаш бетон и да фрлиш прва плоча, а за друго колај работа”. Ако е така а така е, тогаш и ние ќе помешаме неколку приказни и ликови. Некои оваа постапка ја нарекуваат постмодернизам а други турли-тава. Кој за што учел. Пред некој ден до мене стигна еден текст кој го пренесувам во целост, за да не ги повредам авторските права и неговата оргиналност. Еве како изгледа едно барање за аголна гарнитура од една охриѓанка испратено во Загреб:
“Поштовани
Видела сам аголна гарнитура „Ропез” у Прима Мебел у Охриду-Македонија. Много ми се свидела мени и мојој породици, били смо неколико пута у салону, мерили гарнитуру, а потоа и домашни простор. Гарнитура е у 3 дела, Бидеки кај нас не се уклапа у простору, веома е велика, дали је могуче да нам израдите иста таква гарнитура само во два дела. Ако је могуче и двата дела да се со иста димензија. (т.е. Димензии нѝ одговараат од 290 см. х 210 см. Што значи двата дела да се со димензија еднаква на делот што е од лева страна со страници, кафеава боја еко-кожа со комбинација мебел-штов како на каталагу) а внатрешен дел да е као што изработувате (сиви штоф). Но у два дела треќи дел нема. Ако је могуќе један дел да је со кутија за постелнина, а једни дел да се спушта за спавање за двоје особе. Молим вас Обавестетете ме без разлика дали је одговор позитиван или негативан, да знам шта да радим. Доколку можете да ја направите, ја ќу авансно да је уплатим у салону у Охриду, и онда ќу да чекам ако треба и 30-45 дана, не ми е хитно. Молим вас доколку је ваш одговор позитиван пратите телефонски број и лице за контакт или Скајп адреса за да договоримо за деталима. Унапред хвала и Срдечни поздрав из сунчаног Охриду”.
За разлика од сите што се смеат и се подбиваат со овој текст, јас искрено му се радувам и го сметам како лекција за пишување и обраќање кон другите луѓе. Од текстот извира култура, креација, домаќинлак, љубов кон сопстевниот дом и град, трпение и подготвеност да се направи компромис, но не по цена на основната замислена идеја. И што е најважно, јазикот е повеќе од солиден ако се земе предвид дека ние одамна не живееме во тогашната заедничка држава СФРЈ, во која српско-хрватскиот или хрватско-српскиот јазик нѝ беше обавезен предмет во осмолетка, во кафана и во армија. „Одозгора на тога“, женичката не ја купува Македонија туку гарнитура. И не со наши, туку со свои пари. И не е премиер, туку вистинска домаќинка.
Еве уште еден случај. Таа 1971 година Марјан Чарли ја извел сестрата на славниот Југословенски пеач Лео Мартин која студираше во Скопје. Откако ја изнашетал на корзо, на Кеј, пред „Ванила” и на плоштад, на крај со глас на Бери Вајт ѝ предложил да фатат реиз и да тркнат до Сарај, веројатно да допрошетаат. Женската прегладнета и премалена се затрчала кон првиот киоск што го видела за да касне некое залче колку да преживее а после ќе се снаоѓа што се однесува до исхраната и особено до дечковците! Тогаш Марјан Чарли гласно ја предупредил: „Шта чеш тамо? Па тамо нема ни ѓевреца ни буреца!” Од каде му е идејата дека женските на првиот состанок сакаат да јадат ѓеврек или бурек, останува мистерија. Едно е сосема јасно, комунизмот пропадна затоа што сите сакаа ефтино или за џабе, дури и „онаа” работа!
За разлика од Чарли и неговите јазични пируети, еден друг наш другар (после академик) се одлучил за „говор тела”. Ја дом’кнал некако до својот кревет истата женска, со цел да ги задоволи своите ниски страсти. Атмосферата била „на нивоу”. Индиски стапчиња чурат на сите страни, црвено пригушено светло, пијалок „шрафцигер” (мешавина на вињак и кока-кола) и онаа француска курварска песна „Ж тем”, снимена 5-6 пати на касетофонот. И кога дошол моментумот, се соблекле до гола кожа и обајцата, но нашиов ги оставил чорапите! Дали ги заборавил или му биле нови и сакал да остави посилен визуелен впечаток никој не знае. Но според неговиот искрен исказ, едно се знае: Женската почнала гласно да се кикоти и тогаш во пракса се случила вековната народна поговорка: „Кај што има смејање - нема ебање!”
Прашањето гласи: Што ќе се случеше да ги соблечеше проклетите чорапи и да се избербатеше со дотичната госпожа? Дали Македонија ќе добиеше еден швалер повеќе а еден академик помалку? Знам, горите од желба да го дознаете името на „академикот во чорапи”, ама јас нема да го кажам сѐ додека не се деблокира процесот на лустрација. Лустрација во сите сфери, разбира се.
Што да се каже на крајот? На крајот секогаш се кажува утеха или некоја мудросерка. Биди си секогаш свој. Тоа не е бог знае што, ама барем подолго трае.