Пролет е хомоним за мои две омилени ствари:
1. Кочанска кафана
2. Годишно време
На една писмена од трето одделение на тема "Мојот татко", пред цела паралелка го пофалив стариот дека редовно оди во Пролет. А соученикот до мене што безобразно препишуваше, како не би останал покусо и плус за да смени нешто за да не ги приметат дека препишува, напиша "и татко ми оди во Пролет. Но и во лето".
Има некоја неописива надеж и оптимизам што пролетта ги носи со себе. Можеби поради тоа што природата расцветува и есенско/зимскиот нео-ноар филм што пола година вртел на рипит сега добива боја, живнува, се реобликува во тинејџерска комедија од рани 2000-ти. Никнат првите пролетни предвесници: за децата кокичињата, за возрасните младите кромиди.
Плус најновата реколта ракија веќе колку-толку одлежала, има смисла.
И така супер мамурен, во едно пролетно саботно утро (читај 2 ипол попладне) решив да доручкувам (читај мезе за клин со клин) нешто што ќе ми ја разведри матната тиква шо ја чувам на рамења. Бидејќи не бев во состојба да следам рецепти, решив да направам една стара добра викендашка 'чистка'.
Стално си играм вака: гледам од намирници шо останало по малку или шо е при крај и ги фузирам у експериментален рецепт. Ретко утињам, у главном ми искачаат добри. Овој искочи нескромно фантастичен. Одличен мамурлук третман.
Пази сеа: Два пилешки стека го сецкаме на ленти. Врз парчињата тушираме маслиново, сол, бибер, црвен пипер, оригано, мајчина душица. Промешуваме.
Од зеленчуци: кромид, лук, една црвена пиперка, шери домати, сушени домати. Лукот и кромидот ги сецкаме на ситни коцкички а доматите на половинки. На шпоретот правиме бек-ту-бек сет на две рингли: на првата ставаме тава за пржење а на втората тенџере полно вода. Во тенџерето вариме 150 до 200 грама од нашато омилена паста во мојот случај ригатони. Следиме упатство од пакувањето при што ги вариме минута-две помалце од предложеното време. Зошто? Затоа што ќе ги финишираме во тавата.
А во тавата: прво ги запржуваме лукот и кромидот едно пет минути, па потоа го додаваме пилешкото. Месото го пропржуваме 5-6 минути со постојано вртење. Ги додаваме остатокот од зеленчуците со лажица ги гмечиме за да пуштат од своите сокови. Интензивно мешаме минута до две.
Во тавата убацуваме 100 милилитри бело вино. Од истото вино упатуваме дупла доза во нас. Чекаме 5-6 минути за држината во тавата да го испие винцето.
Потоа следува туш број 2 со 100-на милилитри крема за готвење. Нека крчка уште минута до две.
Овде ја додаваме сварената паста и десетина листови од свеж босилек. Мешаме уште минута време.
Сервираме во длабока чинија и наврнуваме од прекрасниот италијански снег такозвани пармезан. Првата чаша вино веќе го избила клинот. На ред се останатите седум-осумнаесет чаши. Толку клинови Ерусалим не видел. Ама што е тука е, мора да се бараат начини за преживување на тие несакани психофизички состојби.
Да сте живи и здрави.
Кирил Стоименов - пролетер