При почетокот на рубриката “храна за кредитоспособни“, покажавме како да направите "Цезар салата за сите пари". Всушност, тоа беше модерна и плишана варијанта на оригиналниот рецепт. Овој пат се враќаме длабоко во корените на рецептот. Ќе се фокусираме генерално на дресингот. Да не грешам душа со ‘од ракав‘ статистики, но преку 90% од рестораните на светско ниво служат некои франкенштајнски верзии на Цезар салатата, баш поради сквернавењето на дресингот.
Како би испрал грев од претходниот пат, ќе спремам Цезар по пе-ес. Знам дека многу салатохули ќе превертуваат очи на рецептов, но еј, тоа е нивен проблем. Башка, која е логиката нештото да го нарекуваш нешто кога нема допирна точка со иницијалната идеа за самото нешто. Нешто во стилот: ”Денес јадевме таратур без краставици пошто немаше кисело млеко“. Или “Ај ќе изреандаме кашкавал у шопската пошто сирењето нешто не го бива“.
БРКАЈТЕ РАБОТА!
Цезаре, брате, доаѓаме да те избавиме од Лукавога. А тоа надобро се прави со со лук. 2-3 чешниња. Ги сецкаме на многу ситни коцки. Може и да ги изрендате како паста, но јас сакам кога ќе ги нагризам. Ги сместуваме во длабок сад. Потоа, капери. Стотина грама, ги раскомбосуваме со две вилушки или ги сецкаме со нож на ситно. Ги соединуваме со лукот и миксот на тргаме на едната страна од садот.
Од карши: 4 лажици сенф. Дижонски. Врз него додаваме една жолчка. Со жица за мешање ги збратимуваме компонентите. Откако имаме жолтеникава каша, капнуваме Вустершир сос. Овој кондимент содржи инчуни, што значи: или ставате вистински инчуни пред да почнете со мешање, или од сосот. Никако двете. Продолжуваме со мешање.
Додека ја маневрираме жицата со едната рака, со другата полека додаваме маслиново. И сѐ така до кремаста структура. Потоа цедиме сок од половина лимон и рендаме 100 грама пармезан. Повторно мешаме. Вака издресираниот дресинг е доживување само по себе.
Фузијата од умами, слатките ноти од сирењето и овошната киселос од лимонот се добитна комбинација. Кец у кец и три плус. На цела плата!!!
Крцкавост: храната освен што треба добро да изгледа, треба добро и да звучи. Мислам ако стварно ја уживате. За таа цел потпечуваме две парчиња од омилениот ни леб. Обидете се тоа да не биде тост леб. Испечените кришки ги сецкаме на коцки. Цела марула, обична или од онаа крутата, ја сецкаме на крупни парчиња и ја потопуваме во сосот. Добро промешуваме за да ги поминеме сите парчиња. Потоа следува лебот и дополнително промешување. Крунисуваме со уште малку пармезан. Финито.
Да сублимираме: дефинитивно, ова е пута 100 покомплексен, а последователно и повкусен и моќен дресинг од ресторантските тажни мајонези кои ги служат со Цезарот.
Се мези со ракија или грапа, или било шо друго љуто шо се џапа.
Кирил Стоименов - нео-традиционалист