Дисклејмер: како би спречил ураган од шитпостинг на тема ‘сиромашни сме’, да пишам предупредување (со Валентински баритон): За овој рецепт ни се потребни, пред сè, пари.
Брзинска историја: Цезар Кандини, италијански гастербајтер у Мексико, држе кафана, на форт-оф-џулај го ‘полазуваат’ неочекувани гости од Америка дека тоа е у време на пик на прохибиција, кафаната крца, он неспремен со роба, глеа шо има највеќе на лагер, импровизира и та-рааам, Цезар салата се роди, навистина се роди. Оваа салата е, акординг ту оригиналниот рецепт, најпромашуваната салата на сите времиња. Ние денес уште толку ќе ја допромашиме, ама со стил.
Од лиснат зеленчук користиме ајсберг или било кој друг вид на ‘покрута’ и сочна марула. Обичната марула кога ќе се помеша со дресинг е како да јадеш џогер. Реално. Јасно дека цената на ајсбергот е како да купуваш гарсоњера у Кратово, ама немојте Цезар со тенка марула, порфавор.
Сечеме поголеми парчиња, не скроз ситно. Место ‘купечки кубети’, ќе потпечеме 2 парчиња леб. Лебот по можност да не биде од оние бриош тост сунѓерчињата за судопер шо имаат повише адитиви него ли брашно, туку некој старо-школски леб-леб. Пред да го потпечеме го зачинуваме со омилениот зачин. Откако е готов, го сецкаме на мали коцки.
Патлиџанскиот момент: користиме сушени шери домати. Знам, ќе се запрашате дали можеби овој рецепт е спонзориран од Ролекс, но денес играме мегаломанско-елитистички.
Дресингот: голема супена лажица таан паста, или по хипстерски - Тахини, две од истите лажици сенф (ако успеете да најдете сенф со цели зрна синап, уште подобро), една кафена (не бојата, туку за кафе) лажица мед, исто толку маслиново и сок од една лимета. Па ако веќе пропаѓаме да пропаѓаме отмено. Добро промешуваме и спремни сме за дресирање. Врз свежата салата, патлиџаните и кубетите џиткаме сол и бибер и посипуваме од дресингот. Промешуваме за сè добро да се инкорпорира. На крај, како би го докрајчиле нашиот новчаник, рендаме 50-70 грама Грана Падано.
Екипа, шала на страна, ова е фантазија. Пробајте ја баш со овие намирници, а во иднина импровизирајте и со поевтини. Разликата ќе биде евидентна.
На здравје!
Кирил Стоименов - Брут