Замисли фамилија: син - кето диеталец, ќерка шо не јаде никакво друго месо освен пилешко, татко - ракијаш, мајка - углавном зафатена. Ние денес ќе сме мајката.
Се враќаме од работа и само што ја отвараме влезната врата од станот, во ходник нè чекаат домашните обврски - здивени како тасмански ѓаоли. На претходниот неделен ручек колективно сме констатирале дека се трошат купишта пари на нарачување храна ‘од надвор’ и решаваме малце да креваме рачна и да се готви по дома. Свесни за ресурсите што си ги влече овој спорт, не сме баш најзадоволни од одлуката, но Боже мој, секој екстра заштеден динар е добредојден во ова лудо време на инстант промени. Се прават списоци, се пазари, дома фрижидерот и висечите крцаат од намирници. И сѐ е тоа ок, додека не стигнеме до момент на одлука: шо да се зготви а да биде брзо, здраво, вкусно и да ги задоволи апетитите, вкусовите и невкусовите како на ситниот, така и на крупниот добиток.
Одговорот се крие подолу.
Приготвуваме пилешка пиката - италијански рецепт што е благонаклонет кон миењето садови. Зошто? Затоа што е уан-диш или едно-садест деликатес.
Стартуваме: Кило до кило ипол пилешки гради. Капнуваме малку маслиново и ги лубрицираме низ целата површина. Ги зачинуваме со сол и бибер. Во плитка чинија рендаме 30 грама пармезан и додаваме 3-4 супени лажици брашно. Добро промешуваме. Потоа секое парче стек добро го напудруваме од миксот. Баш онака добро, како нос во петок вечер.
Во сад за печење прскаме маслиново и чекаме да загрее на средно-силен оган. Ги пропржуваме стековите 3-4 минути по страна. Ги вадиме од садот и ги сместуваме во чинија. Може да ја покриете со алуминиумска фолија за да ја одржите термичката обработка у живот.
Потоа правиме анти-војвоџански потег: наместо да подметнеме Нови Сад, продолжуваме со стариот, веќе ‘испрљан’ сад. Додаваме втора тура маслиново, чекаме да загрее и во него џиткаме ситно сецкан кромид и лук. Пржиме 4 минути. Карамелизираните зеленчуци ги освежуваме со 350 милилитри пилешки бујон (бујон коцка растворена во врела вода - евтина варијанта). Бујонот ќе ги ослободи сите оние пилешки вкусови што се залепиле за тавата. После минути до две, додаваме и 70 грама капери. За крај, рендаме кора од еден лимон топтан со сокот од истиот. Промешуваме добро.
Стековите ги враќаме назад во садот, заедно со 60-тина грама путер. Нека одмараат во сосот уште по минута ипол до две по страна. Вака ќе останат сочни, а и тоа е доволно време за сосот за згусти. Финишираме со ситно сецкан магданос и буковец.
Сервираме парче месо, го сецкаме на ленти и со лажица црпиме од сосот и го положуваме врз месото. Може и дополнително парче лимон, трпи пилешкото. Подмирени ни се сите домашни табори, фракции, секти. Уживаме.
Кирил Стоименов - Мајка