Пред некој ден кликав нешто по LinkedIn. За оние шо можеби не слушнале, LinkedIn е Facebook за луѓе со над 2.500 евра месечен приход. Генерално преовладува истиот воајеризам и хипокризија, само на друго ниво. Едино добро е шо можеш работа да си најдеш...
Она шо ми бркна у око на гореспоменатата социопатска мрежа е фактот дека сѐ повеќе и повеќе е популарен изразот „Комфорна храна“. Шо е па тоа сеа, побогу?! Комфорна храна (доста сомнителен и буквален превод од Comfort Food) е џејмиоливеризам за калоричен оброк кој за конзументот има некаква сентиментална вредност и би требало да го почасти еден носталгичен флешбек во некои безгрижни времиња. Исто се користи и за оброк кој не се уклопува во ниту еден диетален режим. Значи дивоградба.
Сѐ на сѐ: непотребен термин. Вишок дел. Мртва коска. Мокра петарда. Ги преживеавме „Грчки јогурт“ и „Квазина“, ќе го преживееме и ова.
Но за полесно да препродиме низ лексичката Одисеја, ќе ни треба добра подлога. Сместете се во вашите комфорни позиции, почнуваме:
Патешествието го отвараме со 300 грама говедски стек. Јас користам обескостено парче месо од пределот на ребрата, кај LinkedIn-ците познат како рибај (Ribeye), кај студентите по гастрономија како Антрекот (Entrecôte) и кај куварите од ‚она‘ време познат како Шкотски филе. Многу имиња, едно значење: спектакуларно парче месо!
Зачинуваме со сол и бибер. Грил тава жешка како професорка по англиски од средно, печеме 4 минути по страна. Последната минута додаваме печеесе грама путер, лук и рузмарин. Со лажица го лакираме стекот со растопените убавини од путерот. Вадиме на страна и чекаме да се олади. Со оваа минутажа добивате средно-печен стек, внатре розев како логото на една реномирана српска телевизија.
Додека тавата сè уште е загреана и го привршува дневниот кардио тренинг, потпечуваме две-три претходно зачинети парчиња леб. Лебот ќе го испие сокот од месото што останал во тавата. Честито говедски кубети. На самиот крај, пред да ја пензионираме тавата, потпечуваме 2-3 перца млад кромид. Ѝ пожелуваме среќни пензионерски мигови.
На ред е свежата салата. Марула, шо покрута и посочна, тоа подобро. Ако сте со LinkedIn-ски примања, ајсберг. Ја сецкаме на крупни парчиња и ја сместуваме во сад. Лефтерно посолуваме. Ги додаваме потпечените лепчиња и промешуваме.
Е сеа, за ова салатиште ни се потребни два дресинга, еден за у подрум, еден за у тавански соби.
Дресинг #1: лажица сенф, 50-тина грама рендан пармезан, сок од пола лимон, ситно сецкан магданос или власец и 3 лажици павлака. Мешаме додека не добиеме густо-течна смеса. Овој дресинг оди врз марулата и кубетите. Го истураме и промешуваме.
Пред да го спремаме дресингот со реден број два, прво го сецкаме стекот на ленти и го распоредуваме врз марулата. Потоа ги нанесуваме и перцата.
Дресинг број #2: пеглана пиперка или печи-гмечи пиперка, комада два, грст магданос и у блендер. Бараме текстура на ретка пиперска паста. Овој дресинг е вишната на шлагот. Оди најгоре врз месото.
Епа драги читатели, денешната комфорна храна комфорно иде со сите видови комфорни напитоци. Оваа салата комфорно ќе ве извади од безизлезноста (колку пати ја има буквата ‚З‘ у зборот, значи Заев да подзавиди) на алкохолната Сцила и Харибда и безбедно ќе ве упати до вашата Пенелопа на вечерта. Или Пенелоп, зависи за кој тим играте.
Кирил Стоименов - заробеник на островот кај Калипсо и пријателките