Хаотично растурена сарма со блитва

Ако нешто научивме од универзумот, тоа е дека тој не поднесува претерана дисциплина. Вториот закон на термодинамиката е прилично јасен: сè што е подредено тежнее кон неред. Ентропијата е неумолива – ѕвездите согоруваат, се распаѓаат во Супернова, а секој обид да ги задржиш работите во совршена, стегната форма е само привремена илузија за која трошиш премногу енергија.

И има шанси да ти се врати како казна, како горка измама, шо би рекол Ристо.

Во тој контекст, ролањето сарма е еден од најголемите човечки отпори против природата. Тоа е макотрпен обид да се победи хаосот. Но, што ако решиме да не се тепаме со космосот? Што ако, наместо да трошиме енергија на одржување на формата, едноставно ја прифатиме ентропијата како наш сојузник?

Растурената сарма е токму тоа: софистицирано предавање пред природниот пад на редот, момент на кулинарско просветлување каде што сфаќаш дека вкусот на блитвата, јунешкото и зачините е ист, без разлика дали се „спакувани“ или слободно лебдат во просторот, во овој случај керамичкиот сад. Со тоа што одбиваме да виткаме, престануваме да сме заложници на формата и стануваме уживатели на суштината. Ова јадење е „freestyle“ верзија на традицијата, мангупски одговор на притисокот дека сè мора да биде под конец. Не мора! Во свет кој и онака се распаѓа и пука по шавови, дозволи си барем ручекот да ти биде автентичен хаос, зашто на крајот, само вкусот е оној што преживува.

Елементи за деконструкција:

  • 500г мелено јунешко
  • 2-3 јаки врзопи блитва
  • 1 шолја ориз - 120г
  • 1 главица црвен кромид
  • Перца
  • 2 моркова
  • 300мл доматно пире
  • 1 литар топол пилешки бујон
  • Маслиново масло, сол, црн бибер, лажица црвен пипер, кисело млеко...

Процес на контролиран распад:

Исецкај ги кромидот и морковот без да се оптоваруваш со симетрија. Фрли ги во тава со масло и остави ги да омекнат додека не станат спремни за фузија со останатите елементи. Додај го месото. Растури го со вилушка на најмали можни парчиња, целиме кон тотална деструкција на структурата. Зачини го машки со сол, бибер, вегета и црвен пипер. Уфрли го оризот. Промешај го со месото за да ги собере сите ароми што се ослободиле при пржењето. Нека се „напие“ од соковите пред да влезе во финалната фаза. Рековме нема виткање.

Исечи ја блитвата на широки, неправилни парчиња. Истури ја смесата со месо врз блитвата. Ѕидај повеќекатница. Покриј го сето тоа со остатокот од зеленилото. Нема потреба од рамнење, ентропијата го сака токму овој релјеф.

Додавај доматно пире при секој слој. Бујонот истури го врз целата конструкција. Течноста сама ќе најде пат низ празнините на твојот „несовршен“ дизајн.

Стави го садот во рерна на 225°C со вентилатор. Остави ја термодинамиката да си ја заврши работата. Печеме 30 минути со капак, 15 без, и уште 15 минути со тоа што ја пуштаме рерната на најјако.

Готово е кога оризот ќе ја скроти течноста, а блитвата ќе се стопи во вкусот на месото. Лупни ладно кисело млеко врз жешкиот хаос. Тој термички и естетски контраст е најдобриот доказ дека нередот е всушност превкусен.И уживај во хаосот. Универзумот ќе ти бидее благодарен што престана да му се противиш.

Кирил Стоименов - на „ти“ со универзумот

2 мај 2026 - 21:38