Ледени коцки

Да одговара со времето!

Потребни состојки:

  • јајца 5
  • брашно 125 г
  • шеќер 650 г
  • какао 30 г
  • прашок за пециво 1/2 лажичка
  • млеко 1 л
  • густин 75 г
  • путер 250 г
  • ванилин шеќер 3 ќесички
  • чоколада за готвење 150 г
  • зејтин 60 мл
  • кора од лимон
  • сол

Дечки, празници се ближат! Колку и да негирате дека не сте баш во тоа расположение, има нешто во воздухот што ти буди некое мирно чувство. Не велам за денот 31 декември, туку општо за атмосферата. За сијаличките најмногу! И за пакетчето! (па што ако имам 36, секогаш ќе ме радува пакетче)

Кога бев мала, најмногу му се радував на овој период заради пакетчето од дедо ми и ручекот кај нана ми (баба ми). Не можам да ви опишам какво пакетче ми правеше дедо ми. Толку беше полно со чоколади и бонбони, што можеше да пукне (ќе пукнев и јас од јадење ако мајка ми не ми го криеше). Се сеќавам дека во него имаше строго само работи од Краш. Знам дека мајка ми ми го земаше полнетото чоколадо, а јас најмногу им се радував на бонбоните ледена коцка. Мислам дека ги знаете, коцкасти и завиткани во сјајно сина хартија, па одозгора уште еднаш завиткани со целофан, кој на него имаше снегулки. Додека пак нана ми, нана ми го правеше најубавиот ручек. Секогаш започнуваше со пилешка супа со многу моркови во неа, а за десерт секогаш имаше ледени коцки. Едвај чекав да заврши ручекот за да јадам ледена коцка и секогаш го јадев само филот, без тестото.

Овој рецепт, овој колач, секогаш ќе ме потсеќа на новогодишна атмосфера, а посебно на нана ми и дедо ми.

Чекори за подготовка:

  1. Во помал сад ставете го какаото, 50 г брашно, прашокот за пециво и прстофат сол. Со лажица убаво измешајте.

  2. Во друг поголем, одвојте ги жолчките од белките и ставете ги само белките.

  3. Во белките ставете 100 г шеќер и матете додека не добиете цврста пена.

  4. Без да престанете со матење, додавајте една по една од жолчките. Откако ќе ги додадете сите жолчки, исклучете го миксерот, додадете ја смесата од брашно и какао и со исклучен миксер убаво измешајте. Откако убаво ќе измешате, вклучете го миксерот и матете уште една минута.

  5. Земете длабока тава и намачкајте ја убаво со путер. Ставете една до две лажици брашно (овие се екстра од оние потребни за рецептот) и распоредете го насекаде со мрдање на тавата. Практично, треба да направите подлога што би изгледала како да сте ставиле хартија за печење. Вишокот брашно можете слободно да го фрлите.

  6. Ставете ја смесата што ја матевте во тавата и измазнете ја одозгора.

  7. Печете ја во веќе загреана рерна на 180 степени околу 15 минути. Ако не сте сигурни, на последната минута отворете ја рерната и со чачкалица брцнете во средина на тестото. Ако е сува чачкалицата, тестото е готово.

  8. Оставете го тестото да се олади целосно. Откако ќе се олади, во мало тенџерче ставете 250 мл вода со 300 г шеќер и ставете да зоврие. Откако ќе зоврие, нека вари 10 минути. Полејте го тестото и почекајте да упие.

  9. Во сад или мералка ставете го густинот и 75 г брашно. Ставајте малку по малку од млекото додека со рачна маталка мешате за да добиете смеса што ќе биде малце погуста од онаа за палачинки. Многу е битно да немате грутки. Остатокот од млекото ставете го во теџере заедно со 250 г шеќер и ванилиниот шеќер. Кога ќе видите дека се спрема да зоврие, додадете ја смесата со густин и константно матете.

  10. Исклучете ја ринглата и матете додека кремот не се згусне.

  11. Е сега, имате опција да го чекате да се олади во самото тенџере, но тоа ќе трае, и имате опција да направите како што јас направив. Во плитка тава истурете го кремот и убаво распределете го насекаде. Врз самиот крем ставете проѕирна фолија за да не се исуши и да фати кора. Тавата ставете ја на тераса и тоа доле на плочки. Доволно е ладно за да се олади одма :)

  12. Откако ќе се олади, ставете ја смесата во сад за матење и со миксерот убаво изматете ја. Во истиот сад додадете го путерот, кој треба да е на собна температура. Ќе заборавев да ви кажам за малце, а тоа е многу битно! Убаво соединете ги состојките и на крај додадете кора од лимон (не штедете) и по желба екстракт од ванила. Матете уште малку.

  13. Ставете го кремот врз тестото.

  14. Ставете ја тавата во фрижидер додека не го растопите чоколадото. Ставете го чоколадото заедно со зејтинот и растопете го на тивка температура.

  15. Полијте го врз кремот и ставете го во фрижидер околу еден час. Потоа со остро ноже, кое ќе го држите вертикално, ќе ги направите коцките со тоа што само ќе влечете, не како да сечете леб или салама.

  16. Моја препорака е да седи уште неколку часа во фрижидер, а најдобриот вкус ќе го добиете следниот ден. Еден залак и магија се стори! :)))

Хинт:

Радувајте ѝ се на зимата и на нејзините ледени десерти!
15 декември 2016 - 13:50