Некои јадења имаат апла едноставни и очигледни имиња. Пита со сирење. Тавче гравче. Полнети пиперки. Пржени јајца. Јасно е што добиваш. Од друга страна, постојат рецепти што звучат како наслов на таен алхемиски ракопис: „Ѓаволи на коњи.“ Да бидеме реални, ова име има сè - мистерија, драма, можеби и малку хорор. Што ли може да биде? Нешто луто до лудило? Или едноставно јадење кое, иако изгледа безопасно, има способност да го заведе секој што ќе го проба?
Ако помисливте на последното, на иста линија сме. Ѓаволските залчиња или Ѓаволи на коњи се мали и неодоливи. Како добриот антагонист во филм, имаат нешто заводливо во нив. Комбинација што навидум не би требало да функционира, но функционира совршено, за инает на цел свет. На хартија, ова е едноставно јадење: сушено овошје, завиткано во димено месо, печено до совршенство. Тоа е сè. Но, токму во таа едноставност лежи генијалноста. Првата грицка носи блага, густа, карамелизирана текстура од овошјето, проследена со крцкав, солен, чаден удар од месото. Сетилата се збунети. Телото реагира пред умот да има време да се спротистави – раката веќе посегнува по второто парче.
Се зборува дека потекнува од Англија и звучи како нешто што би било послужено во средновековен замок, во соба осветлена со свеќи, додека господата со крзнени наметки наздравуваат со тежок, темен и нефилтриран ејл. Исто го замислувам и како тајно јадење на некој великодостојник од Франција, сервирано на сребрен послужавник (или шо би рекла баба ми - ТЕПЧИЏАК), додека некој музичар свири на лаута во позадини и дворски шутови праат салта наоколу. Но го замислувам и како одличен сопатник за долги разговори што траат до доцна во ноќта.
Суштината на овој рецепт лежи во контрастот. Токму како и во животот, најинтересните работи се случуваат кога ќе се судрат спротивности – слатко со солено, меко со крцкаво, едноставно со екстравагантно, панк со хип-хоп (Rage Against The Machine), турбо-фолк со метал (Перо Деформеро), Хегел со твојот маалски предкоперациски ентузијаст (Славој Жижек).
Не бара кулинарски акробации и се спрема вака:
Неколку парчиња сушено месо: сланина, пршута, врат, ги сецкаме на половинка надолжно, таман колку да ни се изедначат со широчината на сувата слива. Сливите ги мотаме во овие мрсни фротирки.
Репетираме неколку стапчиња за ражнич. Замотаните сливи ги боцкаме на стапчињата. Ја повторуваме постапката до крајот на мастрафот. Кога ражничите ни се спремни, ги печеме во рерна загреана на 200 степени, додека месото не почне да руменее и да пушта од своите неодоливи мрснотии.
За тоа време: 3 лажици сенф комбинираме со половина лажица мед и кора од портокал. Промешуваме за компонентите добро да се соединат. И би мастард-хани сос.
Испечените сатанистички залци ги премачкуваме со сосот а врз него редиме ситно сецкани парченца од бадем. Ги сервираме со уште повеќе сос и свежи ливчиња нане.
Следниот пат кога сакате да импресионирате некого - или самоте себеси - заборавете на скапи состојки и сложени рецепти. Доволно е малку сушено овошје, добро сушено месо и малку алхемиска магија.
Ѓаволски добро, зарем не?
Кирил Стоименов - Православен Сатанист