Off Topic

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Уште ретрограден Меркур ѝ фалеше на Босна

Босанската министерка за ОБРАЗОВАНИЕ им објасни на луѓето што е коренот на нивните проблеми: ретроградниот Меркур! Почнал на 30 октомври а Јасна Дураковиќ (знак: Близнаци) советува до 14 ноември, кога ќе се повлече, луѓето да ги одложат сите важни договори, преговори и потпишувања деловни договори за втората половина на ноември. Луѓе предлагаат дотогаш и таа да се повлече. 

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Биди Кина

Во 1988 година, имаа само 147 км автопатишта. во 2025 година имаат речиси 200.000 километри. Очекуваниот животен век, од 61 година, се качува на околу 78 години. БДП од 180 долари оди на 13.900 долари. Во 1975 година, целата економија им вреди 164 милијарди долари. Само во 2024 година, инвестираат 45 пати повеќе од вредноста на таа некогашна економија.

Римските императори од нашето маало

Канадскиот дизајнер Даниел Вошарт ги оживеа античките римски императори преку нивни реалистични дигитални портрети. Го оживува ладниот мермер па историски скулптури и други докази користи како основа да ги рекреира нивните лица со „овоземни “детали. Некои од овие императори, кои живееле пред речиси 2.000 години, изгледаат како луѓе што би можеле да ги видите додека чекате на автобуска станица.

Куќи за нервирање на комшијата

Ехеј, го има ова и кај нас! Ги викаат „spite houses“ — куќи или објекти изградени намерно како одмазда на соседи, роднини или градски власти. Најчесто се градат поради спорови за земја, наследство, реметење на погледот и слично. И кога омразата ќе заврши и луѓето ќе починат, објектите остануваат како споменици за тоа за какви ситници луѓе знаат да се закрват. 

Слични друштва имаме со Славој Жижек

Кога ќе се сретне со пријатели, првите десет минути се ѓубриња еден со друг, си ги кажуваат најгрозните работи, мајки-шајки.... како да се има некое контра супер-его кое наместо да те кочи, те тера да го извадиш најлошото. Е, ама после тие 10 минути, откако ќе се испукаат и ќе минат низ ритуалот на меѓусебни понижувања, стануваат нормални. Све разбираме, ама, само 10 минути?

Иде Миле мичигенском пругом

Некои делници од актуелната железничка мрежа во САД и за филм на Кустурица би биле премногу. Добро што немаме пруга со Бугарија, пошто најверојатно ќе ја изградеа Американците (што, Бехтел не знаат ли и тоа?), а ќе ја одржувавме ние па ќе добиевме сличен епилог. А може па датумот по ваков воз ни е пратен?

После градот линија, Саудијците имаат коцка

Уште една зградетина од Саудијците, оваа ќе биде сместена во Ријад, и ќе биде по 400 метри висока, широка и долга. За споредба, висината на една зграда од Џевахир е 142 метри.

Како Америка го уништи Северен тек (видео)

Екранизирана верзија на одличната статија на истражувачкиот ветеран Сејмор Херш кој уште во 1969 година откриваше американски дубари и заташкувања во Виетнам. Кастингот е сосема добро познат - Бајден, ЦИА, Викторија Нуланд, Блинкен... Нејасно е само што толку се труделе да не се знае дека САД стојат зад тероризмот во Балтичкото море, кога самите го најавија.  

Важно, Америка е задоволна

Американскиот сенатор Линдзи Грем ќе ја разгледа ситуацијата па ќе каже: „Задоволен сум од патот на кој структурно се наоѓаме. Сè додека на Украинците им дотураме доволно оружје и пари, тие ќе се борат до последниот човек.“ А последниот човек нема да биде Зеленски, тој тогаш ќе биде напупен на видео бим како специјален гостин на некоја гала собиранка на западниот крем. 

Ако ова не реши непотребни состаноци, ништо нема да реши

Предлог функционалност, за сега само на слика, за системот за закажување состаноци на Гугл (или кој и да е. Сè останува како до сега, само до името на учесниците на состанокот додаваш колку пари заработуваат на час, чисто за да знаеш колку пари чини компанијата времето што и го трошиш на состанок и плус една збирна сума за крајниот цех.

Две згради во турски Адијаман

Приказната е следна, едната е културен центар во градот изграден со ЕУ пари и по ЕУ стандарди. Карши него е градското собрание и придружни служби изградено со турски пари и по турски стандарди.

Наравоучение од многудетни родители

Многу родители цвикаат за правење второ дете, пошто имат уплав од повторување на сето она потресување кое го преживеале за првото. А родителските стандардни најнормално си паѓаат во репризните изданија. Какви се разликите кога го бањаш првороденото дете од она како го бањаш третото или четвртото? Нема поточно од ова!

Капа долу, Роџеру Вотерс

„Ги прашувам претставниците на петте постојани членки на Советот за безбедност, кои се вашите цели? Колку злато има на крајот на виножитото? Поголеми профити за воената индустрија? Поголем моќ и поголем дел од глобалниот колач? Дали мајката Земја е колач кој треба да го ждереме? Зарем поголем дел од колачот не значи помалку за сите други?“

Како се користи ЧетГПТ

ЧетГПТ, најпаметниот четбот досега што добива преодни оценки на сложени тестирања, е најголемиот хит на интернет откако се појави во ноември. Ако сè уште не сте го пробале, во продолжение ќе најдете детално објаснување како се користи и што сè може да направи.

Може ли да почнеме да викаме магија, место вештачка интелигенција?

Ранвеј, компанијата што ја создава технологија на „стабилна дифузија“ која служи за претворање на текст во слики, сега има нова играчка - АИ модел кој адаптира кое било видео според текстот што си му го напишал или сликата што ја има за пример. Гледате, магија.

Како грчките мермери завршија во Лондон?

Како и многу проблеми на овие простори и за овој вината е кај Османлиите (како што гледаме, не дека да не беа Турците ние нешто подобри одлуки ќе носевме) во спрега со историската алчност на Западот за работи што не се нивни. Ова се случува некаде околу 1810 година и од тогаш имаме некои си 200 години Британците се прават мутави за тоа чии се мермерите од Партенон.

Како во црква се фаќа запалење плуќа

Имаме два верски видео примера. Едниот во кој свештеник претерува со крстената вода. Другиот во кој поп претерува со огнената вода. Не знаеш во кој господ попрво да се крстиш.

Орсон Велс за Федерико Фелини

Според американскиот филмски маг, добрата приказна не е најважниот елемент за еден филм, како што многумина мислат. Тоа според него е дури третата по важност работа во филмот. „Можеш да направиш голем филм за ништо,“ тврди Велс и дава светол пример.

Во Турција се појавија крадци, ама народ ги решава кој како знае

Катастрофата што се случи во Турција предизвика покуќнината и имотот на милиони семејства да се измеша со купот рушевини и да лежи на улица. Нус-производ на ова секогаш е изникнување на банди или поединци кои гледаат да се офајдат од катастрофата и да стопат што ќе најдат под рушевините. За нивна несреќа, друга нус-појава е што катастрофите предизвикуваат и страшен гнев кај мештаните, кои не се двоумат да го искалат на ликови како нив.

Не го прашувај ГПТ за раси

Кога ботот на OpenAI  ќе го прашаш што црици можат да поправат кај себе, НВО-овски досадно ти одговара дека самото прашање зајакнува расни стереотипи, дека треба да се фокусираме на еднаквост и почит кон сите индивидуалци.... Истото го одговара ако го прашаш за азијати и хиспаноси. Ама ако истото прашање му го поставиш за белци, ти вади листа од задачи.

Уште сега, 12 поени за Лет 3!

Со „Мама - ШЧ“ ријечките враголани Лет 3 победија на Дора и ќе ја претставуваат Хрватска на Евровизија 2023. Благодарејќи на Логин и една мала но упорна лоби група за нив, многупати ги имаме гледано и во Македонија.  Лет 3 се прекрасни будалетини кои беа „шокантни“ уште кога на Евровизија се носеа пуловерчиња. Едвај чекаме. „Мама - ШЧ“, бе! 

Дали сте жртва?

Се разбира дека сте, модерно e тоа. Да се биде жртва значи да се носи аура не само на маченик туку и на праведник кого општеството го закинало. Социјален експеримент на таа тема: жени одат на интервју за работа верувајќи дека се нагрдени со лузни од шминка. Само што, не одат такви, одат какви што се (само што тие не го знаат тоа). Се враќаат убедени дека биле дискриминирани само заради изгледот.   

Црно алжирско

Како се менувале најголемите светски извозници на вино, од 1960 до сега. Има доста занимливи детали. Алжир долго бил светска велесила пред сосема да ја изгуби битката. Бугарија знаела да биде убедливо појака од Југославија. А и Македонија се појавува во неколку наврати, ама, како што знаете и од други показатали, сега ја нема.   

Единствено полошо од тоа да бидеш непријател на Америка е да бидеш пријател на Америка

Момир Булатовиќ раскажува за еден состанок што тој и Милошевиќ го имаат со Ворен Кристофер и Ричард Холбрук, години после Дејтон, кога на Холбрук му бараат да им даде список на услови што треба да ги исполнат само за конечно Србија и Црна Гора да станат пријатели на Америка, место нон-стоп да се негативци.

Две многу одвратни видеа од Турција

Не, нема ниту една од речиси 20-те илјади жртви, туку има градежни материјали, главно цигли, и наводни градежни пракси во Турција, кои можат да објаснат голем број од снимките од деновиве на кои нови згради се распаѓаат како да се правени од наполитанки.

Кога Кит Ричардс ти чува грб

Концерт на Стонси. Додека Мик Џегер анимира публика, не забележува дека некој позади него успеал да го надитри обезбедувањето и да се качи на сцената па трча накај нив се непознати намери. За среќа, мамлазот го приметува Кит Ричардс, а тој на сцена никогаш не доаѓа голорак.

Блиски средби од блискоисточен вид

На аеродром во Турција, израелскиот авион со спасувачи се паркираше до иранскиот авион со спасувачи испратени за помош во земјата.

Јака финта: НАТО ќе се пресоблекува

Австриски полковник ја објаснува шемата како НАТО ќе праќа војници во Украина- без да праќа војници во Украина. „Ќе ја соблечам униформата, ќе потпишам договор и ќе одам во Украина. Така веќе не сум офицер на НАТО туку војник под договор“. На штикли ќе одат ако треба, само за да не признаат дека се во војна со Русија.