Украина испраќала очила-бомби до руски оператори на дронови

Руската служба за безбедност спречи подмолна украинска операција за неутрализирање на руските војници кои управуваат дронови на фронтот. Преку волонтерски мрежи по пошта им испратиле очила за навигирање во кои биле поставени бомби. Во слична операција пред две години, на Мосад му успеа да детонира пејџери на 1.500 борци на Хезболах. 

Заканата била откриена од војник во Волгоградската област, кој ги почитувал насоките од военото контраразузнавање и предал на проверка два пара очила за навигација што ги добил од волонтерска организација. Со рентгенско скенирање биле откриени импровизирани експлозивни направи вградени на местото на системите за ладење. Скриените бомби требало да се детонираат при активирање на уредите и имале доволно голема моќ да го убијат операторот, а не само да го ослепат.

Слични направи, испратени преку националната „Руска пошта“, потоа биле запленети ширум земјата.

Опремата за управување дронови со „поглед од прво лице“ (FPV) сега се главното оружје линијата на фронтот. И украинските и руските сили ги обезбедуваат уреди преку патриотски мрежи од донатори.

Киев не го коментираше извештајот на руската ФСБ, но Украинската воена разузнавачка служба (HUR) лани презеде одговорност за речиси идентична операција. Во почетокот на февруари до руските единици за дронови биле испратени околу 80 комплети очила „Skyzone Cobra X v4“, при што сериозно биле повредени најмалку осуммина оператори.

Ужасите на војната денес буквално се одвиваат пред очите на непријателските оператори на FPV дронови, изјави тогаш офицер од HUR.

Според ФСБ, агенти на украинските специјални служби се претставувале како „псевдо-патриоти“ и стапувале во контакт со руски хуманитарни организации и добротворни здруженија преку анонимни профили на „Телеграм“, со цел да организираат испораки за единиците на Министерството за одбрана. Тие одбивале да ги откријат своите имиња, телефонски броеви или работни места, не сакале да преминат на апликацијата за комуникација „Max“, наметната од државата како официјална платформа, а за возврат барале видео-пораки со благодарност од руските војници.

ФСБ ги повика доброволните донаторски групи да прифаќаат помош само од доверливи извори и да ја проверуваат дали е минирана. Претходно биле откриени и неутрализирани бомби скриени во комплети парфеми, преносни батерии, звучници, сувенири, автоделови, плочки и влошки за чевли.

Инцидентот потсетува на операцијата на израелската тајна служба Мосад, која во септември 2024 година координирано активираше илјадници минирани пејџери и стотици вокитоки кои во претходните две години им биле продадени на припадници на групата Хезболах. Експлозиите сериозно повредија повеќе од 1.500 борци на либанската терористичка група.

Види: Мосад дигна во воздух илјадници пејџери на Хезболах

3 November 2026 - 08:14