Off Topic

Кој ја знае формулата, нека фрли со првата чиа

Мајкл Филип Џегер, познат како Мик Џегер, фронтмен на Ролинг Стонс. 83 години, во телото има истурено стотици килограми кокаин, хектолитри алкохол а во градите има стара тутунска фабрика. Годинава издадоа албум, трча дневно по 10-тина километри. Роберт Превост, познат како Папата Лав IX, фронтмен на Католичката црква. Има 71 година, најчест доручек му се житарици со млеко, во петок пости. Има рак на белите дробови.

Биди Кина

Во 1988 година, имаа само 147 км автопатишта. во 2025 година имаат речиси 200.000 километри. Очекуваниот животен век, од 61 година, се качува на околу 78 години. БДП од 180 долари оди на 13.900 долари. Во 1975 година, целата економија им вреди 164 милијарди долари. Само во 2024 година, инвестираат 45 пати повеќе од вредноста на таа некогашна економија.

Римските императори од нашето маало

Канадскиот дизајнер Даниел Вошарт ги оживеа античките римски императори преку нивни реалистични дигитални портрети. Го оживува ладниот мермер па историски скулптури и други докази користи како основа да ги рекреира нивните лица со „овоземни “детали. Некои од овие императори, кои живееле пред речиси 2.000 години, изгледаат како луѓе што би можеле да ги видите додека чекате на автобуска станица.

Куќи за нервирање на комшијата

Ехеј, го има ова и кај нас! Ги викаат „spite houses“ — куќи или објекти изградени намерно како одмазда на соседи, роднини или градски власти. Најчесто се градат поради спорови за земја, наследство, реметење на погледот и слично. И кога омразата ќе заврши и луѓето ќе починат, објектите остануваат како споменици за тоа за какви ситници луѓе знаат да се закрват. 

Во револуција меѓусебно се кинат глави

Во приватните медиуми толпата таму нема што да бара. Никаква правда „по кратка постапка“! Ако дозволите да завладее бран на јакобински бес – сетете се само на Француската револуција – на крајот ќе завршите така што ќе се свртите едни против други и меѓусебно ќе си кинете глави. 

Се моли вештачката интелигенција АПЛА да ни попушта

Некој со помош на вештачка интелигенција креирал слатко детенце со кринџ фалби за Македонија (сонцето грее, планините се убави...). Иако АПЛА се гледа дека ни дете постои ни бутур, наш народ почнува да му зборува, да го фали, советува.... Што правиме ние со вакви луѓе?? Утре некој ќе им направи ВИ видео од Исус и ќе ги убеди дека можат да одат по вода. Еден господ нека е на помош.

Диета на денот: две тепсии трилече

Не е препорачана од апсолутно ниту еден доктор или нутриционист, ама треба да функционира само заради најосновни столбови на логиката, а таа вели - ако јадеш три тепсии трилече на седнување, неизбежно ќе почнеш да слабееш ако намалиш на само две.

Има ли уметник во авионот?

Редовен лет на Луфтханза од германски Франкфурт до Катанија, на Сицилија. Приближувајќи се до дестинацијата, авионот го пренасочуваат кон Малта, бидејќи околу Катанија беснеат пожари. Пилотот, кому очигледно Малта не му е омилено место, постапува по насоките на контролата на летање и заминува кон Малта, но не пред да нацрта нешто на небото. 

Да не се палиме на сите хистерии на нашата епоха

Кристофер Пламер немаше морален проблем да го замени Кевин Спејси во веќе снимен филм со него, кога овој беше обвинет за сексуално навалување. Може да нагаѓаме дали ќе беше слично и доколку, во некои други времиња и околности, Спејси беше обвинет дека е Евреј, комунист или кулак.  

Вашингтонски патрдии

„Ги собрав сите атоми на храброст за да прекинам прес-конференција во Белата куќа....“објасни младата Елисе Џоши објавувајќи снимка од нејзиното поставено прашање со третперлив глас (нешто околу фосилните горива). Портпаролката Карин Жан Пјер се чинеше изненадена но ја поздрави храброста на младата девојка. Само што, сета оваа драмолетка со „храброст“ и “изненадување“ е бљак.

Штетните страни на магичното слабеење со Оземпик

За Оземпик (еден од брендовите под кои се продаваат семаглутидите) се точни сите фантастични ветувања што ги дава за експресно слабеење, ама во исто време се точни и сите забелешки што му се припишуваат, прво дека е терапија за луѓе со дијабетес и второ, дека целото слабеење доаѓа со грст проблеми, болести и нус-појави.

Бахмут да се затвори и да се претвори во град-споменик

Моментално Русите го сметаат Бахмут за ослободен, а Украинците за окупиран. За некоја недела / месец, тоа може да се смени. Што и да се случи, кој и да е ослободителот, наградата ќе биде град кој изгледа како да сака еднаш засекогаш да му ги скратат маките. Снимката е од деновиве и од тоа што се гледа како најлогично решение да е Бахмут никогаш повеќе да не биде населен град.

Како стигнавме Никола да ни е просек?

Препис од полициски билтен од сега веќе некој магичен свет (за постарите познат како СФРЈ, за помладите „комунизам“) во кој извесен Никола, само замисли, бил казнет заради џаболебарење и затоа што без потреба се дрнкал со моторот натаму-наваму. Па кај го има ова?

Европски вредности на латвиски начин

Неподвижна 74 годишна баба ја носат на тест за латвиски јазик. Ако не го знае, ја чека депортација после 2 септември, пошто Латвија системски работи на кинење на врските со сè што е руско (во 1989 година 34% население беше руско, лани 24%). Ах, кој ќе чека Ахмети да наполни 74 :) 

Москва под санкции

500 и некој ден од руската инвазија на Украина и 500 и некој ден како Русија е под најголемите и најсеопфатни санкции што некогаш биле наметнати на некоја држава. Барем тој е впечатокот од светските медиуми, не и од руските супермаркети.

Основната разлика меѓу машка и женска депресија

Мажите сакаат почит, жените сакаат љубов. Што сакате правете со оваа информација.

Камермани, неопеаните јунаци на документарците

Нетфликс пред некое време објави кратко видео за тоа како се снимаше исклучителниот документарен серијал „Империјата на шимпанзото“, кој како речиси ниеден документарец до сега ги фати најкрвничките борби меѓу шимпанза. Тоа што се заборава во гледањето на серијата е дека на неколку метри од шимпанзата, кои можат да распарчат човек во рок од неколку минути, има луѓе со камери кои стојат и снимаат.

Не е само операција да направиш, после треба и машко да бидеш

Жена осум години транзиционира во маж, и по толку време физичкиот дел главно го совладува со задоволителни резултати. Проблемот се јавува кога станува машко и светот, дури и добронамерниот дел од светот, почнува да го третира како што се третирани мажите.

Комшика што спие

Жителка на Минск се прави летва од алкохол и кој знае како пијанката ја завршува со заспивање на надворешниот праг од прозорците во станот... на 24 кат.

Не е само да се залепиш за асфалт

Блесавиот дел од еко-протестите со блокирање улици е што кога ќе се залепиш за асфалт твојата кожа стварно е залепена за асфалт, нема фејкање во тој дел, и тоа единствено се решава со чекан и со длето, по што те пуштаат дома да си одиш со грутка асфалт залепена на рака. Без да ја омаловажуваме нивната жртва, ама овие луѓе периодов нешто почнаа да избираат места под сенка за да се лепат.

Во Полска полиција спасуваше мигранти од локалци

Во комплекс базени во јужниот полски град Битом, мајка се жали на обезбедувањето дека група од четворица мажи непристојно се однесувале кон нејзините деца. Пред обезбедувањето и пред полицијата, први стигнуваат да реагираат останатите гости на комплексот, па целиот инцидент се завршува со специјалци, штитови и солзавец.

Во Памплона хаос

Традиционално спасот во трчањето со биковите е главниот стадион на кој пристигнуваат сите учесници, а по некое време и биковите. Годинава толпата направи до сега невидена блокада токму на влезот на стадионот. Тоа не им смени нешто многу на биковите.

И викаш користиш Сигнал и никој не може да ти чита пораки, а?

Истата апликација ја користи и Такер Карлсон со истите идеи на ум кога во најголема тајност сака да договори интервју со Путин.  По некое време преписки, Карлсон добива повик од „човек од Вашингтон“ кој му кажува дека НСА му влегла во Сигнал апликацијата и знае дека договара интервју. Важно е и тоа што случката е од пред војната, 2021 година, и се работи за постара верзија на апликацијата.

Што е бе тоа 1.150 долари за шишање

Ок, точно, шишањето е на адреса и има еден саат патување до таму, плус за фризурата се потребни 2,5 до 3 часа, ама пак, 1.150 долари се 1.150 долари. Сумата е 3 часа по 350 долари од час и 100 долари превоз. За делот од публиката што не оди на бербер, седнување на берберска столица во Скопје (значи не стилист, фризер или како и да се викаат) во просек ќе те чини околу 300 денари.

Кажи Русија, кажи Русија, кажи Русија

Портпаролот на Пентагон, најискрено, со сето свое битие сака да каже дека „војната е стратешки неуспех за Русија“. Ама не е тоа тек така. Сигурно психолози имаат нешто да заклучат од клипот.

Најди ја разликата

Кратко видео од два дипломатски настани. Во едниот руска функционерка се среќава со кинескиот владетел, во другата американската министерка за финансии, Јелен, се среќава со кинескиот колега Хе Лифен.

Сега на Франција и е ред да биде колонизирана

Ако Франција е растистичка, како што тврдат луѓето што деновиве ја палеа земјата, тогаш зошто уште луѓе емигрираат во Франција? Затоа што сега Франција е таа што треба да биде колонизирана, засекогаш.

Филмски разговори за педофилија

Со буџет од само 14 милиони долари, филмот „Sound of Freedom“ на благајните го потепа долгоочекуваниот продолжеток на „Индијана Џонс“ на Дизни (со буџет од 295 милиони долари!). Приказната е шокантна и, за жал, вистинита. Ви предлагаме од 31-ва минута да погледнете две минути, па ако не ве заинтересира, баталете. 

Роденден кој се памти цел живот

Во Бразил малолетници можат да бидат уапсени но после регистрирањето, биваат пуштени. Следи сцена во која во полициска станица му се слави роденден на еден млад кримос, со торта, со песна, со сè. Му го слават полицајците, само затоа што дента му е 18-ти роденден, што значи дека ќе можат да го задржат во апс. Славеникот не е нешто еуфоричен околу своето полнолетство.

Ви текнува дека цела фотосинтеза зависи од јаглерод диоксид?

Во три и нешто минути, Иан Плимер го демонтира оној напнат климатски алармизам и апокалиптичност поради кои треба наопачки да ја свртиме глобалната економија, начинот на кој живееме и секојдневните навики. Ама добро, човекот е само геолог. Кај може тој да со сето она знаење кое го поседува Грета Тунберг?