Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Враќање во ѕвездите

Денешните филмски ѕвезди и нивните оригинали од времето. Малку начекана добра поза, некаде соодветна фризура, некаде сцена што одговара, ама во основа сите се погодени.

Фотошоп магија

Има луѓе што знаат Фотошоп, има луѓе што се мајстори во Фотошоп и го имаш Александар Кошелов. Почна од ништо. Клипов се слуша на гласно.

Разгледница од претходните времиња

Мала збирка на работи од животот од 80-те. Генерално реклами и брендови. Само да видите колку всушност ви останале во сеќавање, за следниот пат кога ќе помислите дека рекламите џабе се вртат. За десетина години, веројатно истава статија ќе биде со банери :)

Гугл чуда

Додека го индексираше светот, Гугл ги собра и Светските чуда. Ама не само оние редовните 7, туку многу, многу повеќе. Распоредени се по тема и локација, а за секое имате водич, информации, дополнителни фотки, видеа и 3Д модели. Скоро како да сте биле таму.

Портрети од тацна

Кога оваа сликарка ќе сака да побара асистент, огласот ќе има само едно барање: да сака да вари кафе. Екстра поени добиваат оние со паркинсонова.

Скапо како во Канада

На најдалечниот север на Канада живеат луѓе. Каде што живеат луѓе, има и продавници. Затоа што е најдалечниот север на Канада, таму ништо не се произведува и се треба да се донесе. Заради ова, се што се продава е отров скапо. Цените се од северната канадска територија - Нунавут.

Неделата во трејлери

Документарец за една блесаво мегаломанско семејство од САД, цртан за лик од игрица што не сака да биде таму, петката од Resident Evil, Крис Рок и Дензел Вашингтон.

Кај тато на работа

Обично на деца им е интересно да одат кај некој од родителите на работа. Кога таткото е популарен Ди Џеј номиниран за Греми, таквото детско искуство добива сосема нови димензии.

Шокантно & вознемирувачко фото

Гола и боса најава: Крокодил јаде крокодилка!

Ајфон 5-та што нема да ја видиме

Новиот модел е дебел колку екранот на четворката, целосно е проѕирен, доаѓа само во црна верзија и никогаш нема да се произведува. Најинтересно околу концептот за Ајфон 5 и видеото, е што негов автор е 17-годишен дечко.

Пелагонија до Британија

Убаво е кога на британски домен ќе налеташ на сајт на некои наши луѓе, па уште сајтот за храна, па уште добро направено сето тоа. Главно, луѓето бркаат бизнис ама што пречи тоа да се удри лајк?

Многу се напред овие

"Мармалад" е германска компанија што се интересира чисто за специјални ефекти во реклами. Не филмови, не серии, не спотови, туку само реклами и  ефекти за нив. Дечкиве се спектакл.

Биач!

Кога гледате туѓи кавги некогаш не ви треба звук за да погодите што е темата. Да речеме, од ова видео, точно ви е јасно кој негов дел нејзе најмногу ѝ згрешил.

Ех да имам, ко што немам

Карло Џанферо е италијански фотограф кој решил да прави портрети на Роми. За разлика од редовниот фотографски поход на сиромашни Роми, овој решил да ги одбере најбогатите и тоа во нивните вили / мини палати. Локација: Романија и Молдавија.

Министерство за губење време

А сега, ќе се потрудиме да ви изгубиме 10-тина минути од вашите животи. Ова е толку глупо што не знаеме како да ви го објасниме. Се работи за вашиот поинтер и нивниот показалец. Спојлер: џабе пробувате по ќошиња, секаде ги има!

Оживеани фотографии

Потребен е еден тон трпение за да се прегледаат 5.000 сток фотографии од Getty Images, да се изберат 873 и со брзина од 15 во секунда да се подредат така да почнат течно да раскажуваат.

Уметник од сенка

Рашад Алакбаров е уметник од Азербејџан. Негов материјал е светлината, негов производ е сенката.

Набаценки

Она што беа Карл Малоун и Џон Стоктон во кошарката, овие двајца се во градежната оператива. Совршени пасови со - цемент. Едниот додава со лопата, другиот фаќа со мистрија.

Музика со ред

Еволуцијата на поп-музиката (не екс-ју) низ тапаните на Хрватот Саша Мачек. Избрани десетина најважни песни (по негово мислење) од последниве од Елвис, па наваму.

Другата страна на Прстенот

Без да навлагаме во подлабоки филозофски битки и расправии околу Господарот на прстените, ај ова да го разгледаме - што ако Фродо и компанија всушност се негативците во целта работа? Како целиот поход изгледа од страната на оние што живеат во Мордор? Кој е предавникот во целата приказна?

10 кладби што никогаш нема да ги изгубите

Затоа што првиот натпревар на Еуро 2012 завршува во 19 и 45 а до идниот има уште цел саат што треба да го поминете правејќи нешто. Предупредување: заради некои од форите може и ќотек да изедете, посебно ако му ги правите на некој маалски што отсекогаш ве бумбарел.

Откриен трикот на бубашвабите

Конечно на видео снимка е уловена финтата со која бубашвабите успеваат да ни исчезнат пред очи. Тотален нинџа потег.