
Истражувачите од универзитетот Колумбија и Карловиот универзитет во Прага, плус уште некои институции - анализирале податоци за 13.222 родители на возраст од 50 и повеќе години. Испитаниците биле дел од американска студија за здравје и пензионирање - долгорочно истражување во кое когнитивните способности се тестираат периодично. Во текот на истражувањето, учесниците можеле да бидат тестирани до девет пати, во интервали од приближно две години.
Тестовите не биле особено комплицирани, но опфаќале различни аспекти на когнитивното функционирање. Требало да запомнат и повторно да наведат листа од 10 зборови, да решаваат едноставни задачи со одземање и да бројат наназад. Истражувачите потоа ги следеле промените во резултатите низ годините.
На крај се доаѓа до интересен заклучок: родителите кои имале најмалку еден син покажале побрз просечен пад на когнитивните резултати во споредба со родителите кои немале син. Кај оние со повеќе синови, падот бил поизразен во споредба со родителите кои имале само ќерки. Важно е, сепак, што присуството на син не било поврзано со разлика во почетното ниво на когнитивните способности и не значи дека синот сам по себе предизвикува деменција. Авторите ги земале предвид различните социодемографски и здравствени фактори и ја опишуваат разликата како скромна во однос на вкупниот когнитивен пад што се случува со возраста.
Зошто воопшто би постоела ваква поврзаност? Истражувачите разгледуваат неколку можни објаснувања, меѓу кои и разлики во семејната поддршка и грижата во подоцнежниот живот. Една од хипотезите е дека ќерките почесто преземаат неформална грижа за остарените родители, што сепак, останува хипотеза и не е докажано како објаснување за резултатите.