Најобразованиот човек на светот?

Некои собираат магнети за на фрижидер. Други запалки или салфетки. А Џејми Битон собира дипломи, и тоа такви до кои и не е баш лесно да се стигне. Дали е тоа идеалот на „најобразованиот“ човек?

Џејми Битон, роден и израснат во Нов Зеланд, на 31 година веќе имал дипломирано на Харвард со највисоки почести и стекнато магистерска диплома по применета математика. Потоа следувале магистратура од Стенфорд, правна диплома од Јејл и докторат по јавни политики од Оксфорд, каде што бил стипендист.

И тоа не е сè. Паралелно со студирањето во живо и онлајн, собрал уште магистерски дипломи од Пенсилванија, Стенфорд, Принстон, Корнел, Дартмут, Кингс колеџот во Лондон и Универзитетот Цингхуа во Пекинг. Во меѓувреме, основал и ја води компанијата Кримсон Еџукејшн, која им помага на ученици да се запишат на престижни универзитети и чија вредност се проценува на повеќе од 600 милиони долари. Ако продолжи со ова темпо, Битон би можел да стане еден од најобразованите луѓе во светот, барем според бројот на високи академски дипломи.

Она што ја прави приказната уште почудна е начинот на кој тој го живее сето ова. Битон сака денот да му биде преполн и вели дека му е „забавно“ да има многу работа. Додека патува по светот поради бизнисот, продолжува да полага испити и да пишува семинарски. Пред интервјуто за Њујорк тајмс, на пример, од каде и дознавме за неговата приказна, на новинарот му испратил 61 страница правен документ затоа што неговата компанија започнала непријателско преземање вредно 28 милиони долари. Неколку недели претходно бил во Индија, каде што сепак успеал навреме да го предаде завршниот проект за студиите по наука за податоци на Универзитетот Браун. Вели дека се обидува да спие шест часа дневно. „О, тој лаже“, се пошегувал Џон Ки, поранешниот премиер на Нов Зеланд и претседател на Кримсон Едјукејшн. Ки го смета Битон за вториот најпаметен Новозеланѓанец, веднаш по физичарот Ернест Радерфорд – и додава дека тоа е само затоа што е тешко да се надмине човекот кој го открил атомското јадро.

Битоновата опседнатост со образованието започнала уште во детството. Растел во Окленд како единствено дете на самохрана мајка, во домаќинство во кое, како што вели самиот, „академското образование беше нашата религија“. Мајка му сакала да му отвори што повеќе можности, па играл тенис и кошарка, одел на кампување, пливал, кајакарел, а на девет години почнал да игра шах. Истовремено, мајка му го возела до центри за дополнителна настава и ангажирала академски тренери – нешто прилично невообичаено за едно семејство од средната класа во Нов Зеланд. Како тинејџер сонувал за американски универзитет и во последната година од средното училиште слушал повеќе од двојно повеќе предмети од задолжителните. Бил примен на 25 универзитети, меѓу кои Харвард, Јејл и Принстон. Уште пред да замине во САД, го основал Кримсон Едјукејшн, бидејќи самиот веќе го поминал патот низ комплицираниот свет на американските приемни испити.

На Харвард, пак, не се задоволил само со предавањата. Се зачленил во 15 студентски организации, меѓу кои дебатниот клуб и здружението на студенти по економија, а неговиот цимер се навикнал на неговите деловни телефонски разговори во два часот наутро. Во втората година му испратил е-пошта на Џулијан Робертсон, познатиот инвеститор и основач на хеџ-фондот Тајгер менаџмент. Робертсон го испратил прво кај психоаналитичар на проценка, а потоа го ангажирал. Два дена неделно Битон работел во канцеларијата на компанијата во Њујорк, паралелно со студиите во Бостон. Кога Алекс Робертсон, синот на Џулијан, еднаш му предложил да земе пауза и да замине со пријателите на една недела во Канкун, Битон му одговорил дека не може да замисли ништо полошо од пет дена лежење на плажа кога може да работи.

Неговата приказна, се разбира, предизвикува и скептицизам. Како е можно еден човек да стигне до толку многу престижни дипломи, а притоа да води милионски бизнис и да патува по светот? Дали образованието станало своевиден перформанс или е ова совршена реклама за компанијата што им помага на други да стигнат до елитните универзитети? Битон има едноставно објаснување: првите пет дипломи ги стекнал затоа што сакал конкретни знаења и вештини, а потоа продолжил затоа што го интересирале различни области. Неговиот животен ритам не е за секого, но тој, барем засега, продолжува по својот пат. Покрај образованието и претприемништвото, вели дека сака да основа семејство. Некои негови пријатели веќе го замислуваат и во политиката. 

16 September 2026 - 14:36