Ботовите џвакаат книги од антикварници

Откако ги исцрпеа текстуалните содржини достапни на интернет и пиратските дигитални книги, технолошките компании масовно купуваат хартиени книги за да нахранат моделите со ВИ, а потоа да ги фрлат во ѓубре. На цена се постарите изданија, кои гарантирано не се затруени од генерирани содржини и чиј стил се разликува од оној што денес се користи на интернет.

Антикварниците се новите жртви на бруталната кампања за масовно уништување книги заради обука на големите јазични модели со ВИ. 

Лондонски продавач на ретки книги изјави за City AM дека добил две невообичаено големи барања за специјализирани книги од анонимни адреси на е-пошта, без наведени имиња или податоци за компанијата. Во двата случаи, купувачите побарале дополнителни фотографии од книгите пред да направат големи нарачки. Кога продавачот прашал кои се тие и каде ќе завршат книгите, не одговориле.

Овие случаи се совпаѓаат со извештаите од цела Европа за барања од анонимни купувачи до книжарниците и антикварниците за откуп на пакети користени книги. 

Документи од неодамнешен судски процес открија дека компанијата Anthropic ја спроведува внатрешната програма „Проект Панама“ откако заклучила дека книгите се „од суштинско значење“ за обука на моделот Клод. Компанијата купила милиони користени книги, со индустриски машини им ги отсекла кориците и повезот и ги скенирала лист по лист. Хартијата потоа била фрлена и рециклирана. 

Директорите настојувале оваа операција да ја задржат во тајност.
Федерален судија  подоцна пресуди дека процесот на скенирање бил заштитен со фер употреба бидејќи Anthropic легално ја купил секоја книга, ја претворил во дигитална копија и го уништил оригиналот, наместо да создава дополнителни копии. Во посебен процес, компанијата постигна спогодба од 1,5 милијарди долари за побарувања претходна употреба на пиратски дигитални копии од книги.

Токму овие пресуди ја забрзаа потрагата по печатени книги. Компаниите што обучуваат модели со ВИ сега купуваат книги во пакети од 1.000 до 1 милион примероци. Делата објавени пред 2022 година се особено ценети, затоа што гарантирано не содржат делови генерирани од вештачка интелигенција.

5 August 2026 - 14:20