
Италијанската уметница Пипа Бака, во 2008 година тргнува на необично патување со цел да покаже дека довербата меѓу луѓето сè уште постои, без оглед на границите, културите и историјата на конфликтите.
Вистинското име ѝ е Џузепина Паскалино ди Маринео, и на свои 33 години заедно со колешката Силвија Моро го започнува перформансот „Невести на пат“ (Brides on Tour). Облечени во бели венчаници, двете уметници почнуваат од Милано, а крајната цел им е да стигнат до Ерусалим, патувајќи исклучиво со автостоп. Венчаниците се заради симболика: мир, чистота, помирување и надеж, плус „брак меѓу различни луѓе и нации“, а секој километар од патувањето претставувал своевиден уметнички чин кој требало да покаже дека луѓето можат да се поврзат преку доверба, наместо преку страв.
Нивната рута ги водела низ Италија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Турција, а планирале да продолжат и кон земјите од Блискиот Исток. Намерата била да се помине низ подрачја што во поновата историја биле погодени од војни и насилство и таму да се испрати порака дека мирот започнува со обичниот човечки контакт.
Патувањето добива трагичен пресврт. Се одвоиле со Силвија Моро, и на 31 март 2008 година, во близина на турскиот град Гебзе, Пипа Бака влегла во автомобил на човек кој понудил превоз.
Ја силува и ја убива.
Проектот трае 23 дена и успева да докаже дека за трагедија е доволно еден фаличен на милиони пристојни. Ја пронашле десет дена подоцна и турската полиција брзо го идентификувала сторителот - Мурат Караташ, бил осуден на доживотен затвор.
Веста за нејзината смрт предизвикува силни реакции, не само во Италија, туку и во меѓународната уметничка заедница. Се поставуваат прашањата дали нејзината верба во луѓето била наивна, па се расфрлаат предупредувања „да не сме заборавеле на нејзината благородна идеја.“ И да не се сведувал проектот само на неговиот крај, туку да се разберел како „уметнички обид да се отвори разговор за довербата, ранливоста и човечката солидарност.“
Ама, проектот не го оправда ни своето постоење ни својата ужасна трагедија.
Само ни покажа дека светот е таков каков што е.