Новиот, симпатичен тренд кај младите: Набљудување птици

Обично со секоја нова генерација, постарите од нешто се жалат и главно се однесува на беснеење. По ново, орнитологијата - набљудувањето птици - привлекува сè повеќе млади луѓе. Нит можеш да им кажеш „остај тоа компјутерот“, нит „не може до касно“.

Долго време набљудувањето птици важеше за пензионерско хоби или бар резервирано за биолози и страствени љубители на природата. Денес таа слика сè повеќе се менува бидејќи во последните неколку години кај оваа активност има забележителен раст, особено меѓу помладите генерации. Излегува дека за малку мир, возбуда и ново знаење не мора да се качуваш во авион - доволни се парк, двоглед и малку трпение.

Еден од главните поттикнувачи на овој тренд беше пандемијата на ковид-19. Во периодот кога патувањата беа ограничени, а многумина работеа од дома, луѓето почнаа повеќе време да поминуваат по паркови и шуми и открија дека природата крие многу повеќе отколку што претпоставувале. Многумина за првпат почнаа да ги препознаваат птиците што секојдневно ги гледале, но никогаш не им обрнувале внимание.

Технологијата дополнително придонесува, затоа што денес постојат бесплатни мобилни апликации кои можат да препознаат птица според нејзината песна или фотографија. Наместо да се листаат дебели прирачници, почетниците за неколку секунди добиваат информации за видот што го забележале, што го прави учењето едноставно и интересно.

Своја улога имаат и социјалните мрежи. На ТикТок, Инстаграм и Јутјуб сè почесто се појавуваат видеа во кои ентузијасти покажуваат како изгледаат различни видови, раскажуваат интересни факти за нивното однесување и ги охрабруваат луѓето да ја истражуваат природата во својата околина. Благодарение на ваквите содржини, набљудувањето птици доби сосема поинаков имиџ - наместо старомодно хоби, денес сè повеќе се доживува како начин за релаксација, престој во природа и бегство од секојдневниот дигитален метеж.

Психолозите одамна укажуваат дека престојот во зелени површини помага во намалување на стресот и го подобрува расположението. Изреката оди фати трева си постои веќе некое време, а и скоро признаа дека за депресија не се само анти-депресиви - и шетање во природа е добро. Набљудувањето птици дополнително ја поттикнува концентрацијата и внимателноста, бидејќи бара човек да забави, да слуша и да набљудува. Токму затоа многумина го споредуваат со форма на медитација во движење.

Притоа, како хоби има и научна вредност - преку специјализирани апликации, љубителите на птиците можат да ги евидентираат своите набљудувања, а тие податоци им помагаат на научниците да ги следат миграциите, бројноста на видовите и влијанието на климатските промени врз дивиот свет.

Иако најискусните набљудувачи сè уште најчесто се постари луѓе, организациите што се занимаваат со заштита на природата забележуваат дека просечната возраст на новите учесници постепено се намалува. Во оваа заедница денес има повеќе млади, повеќе жени и поголема разновидност отколку пред само една или две децении.

22 јули 2026 - 11:17