Од Черчил до „Трансформери“: што губиме кога војната почнува да се продава како спектакл?

Начинот на кој политичарите зборуваат за војна отсекогаш откривал многу повеќе од самата воена стратегија - тој покажува какви вредности сакаат да одбранат и каква слика за светот нудат на своите граѓани. Некогаш лидерите ја оправдувале војната со зборови за мир, слобода и достоинство. Денес, сè почесто, сериозните говори се заменуваат со груб јазик, филмски цитати и агресивни пораки што повеќе личат на сцени од акционен блокбастер отколку на државничка реторика. 

Во 1944 година, среде Втората светска војна, кога Европа била разурната, со биланс од милиони жртви, американскиот претседател Франклин Рузвелт им се обратил на граѓаните со зборови кои не повикувале на омраза, туку на морална цел. Тој нагласил дека Американците не се борат од желба за освојување, туку за да го запрат освојувањето. Сличен тон имал и Винстон Черчил, кој зборувал за решителност во војна, пркос во пораз и великодушност во победа.

Во 2026 година, Америка повторно е вклучена во воен конфликт, овојпат поврзан со Иран и Ормускиот теснец. Но реториката е сосема поинаква. Наместо повици за мир и одбрана на вредности, претседателот користи вулгарни закани и агресивен речник, а министерот за одбрана зборува за непријателот како за „готов“ и оправдува напад врз ослабен противник. Наместо државнички говори, јавноста добива пораки што звучат како реплики од акционен филм.

Автор на текст на оваа тема во „Економист“ (со претплата) забележува дека војувањето не се променило само технолошки, туку и јазично. Порано, и покрај модерното оружје, западните лидери користеле класична реторика, со алузии на Шекспир, Линколн, Библијата и античките говорници. Зборовите биле дел од самата војна, средство за објаснување, мотивирање и создавање морална рамка.

Денес, таа моќ на говорот како да исчезнува. Белата куќа објавува видеа составени од сцени од „Гладијатор“, „Топ ган“ и „Трансформери“, измешани со вистински снимки од бомбардирања. Дури и кога се повикуваат на Библијата, тоа често е погрешно - како кога министерот за одбрана цитираше стих што всушност бил преземен од филмот „Палп Фикшн“, а не од пророкот Езекил.

Некој би рекол дека тоа не е важно, бидејќи смртта не прави разлика меѓу убаво кажан и лошо кажан говор. Но во процесот сепак се губи нешто суштинско. Големите оратори отсекогаш позајмувале од историјата и литературата, не само заради поубав стил, туку и за да ја поврзат сегашната борба со поголеми идеи - демократија, слобода, човечко достоинство.

Кога Перикле зборувал за Атина, тој не ги повикувал луѓето само да се борат, туку им кажувал дека се борат за демократијата. Кога Рузвелт зборувал за Америка, ја нарекувал „арсенал на демократијата“. Таквите зборови не се само украс - тие создаваат смисла и чувство дека се брани нешто поголемо од територија.

Сепак, важно е и на што точно се повикуваат лидерите. Сценаристот на „Гладијатор“ дури изјавил дека е застрашувачки што Белата куќа го користи неговиот филм за воена пропаганда, бидејќи главниот лик Максимиус не е човек што сака војна, туку мирен човек принуден да се бори за своето семејство и за идеалот на Рим. Најдобрите говори за војна, всушност, не се за војната, туку за мир. Тие ги тераат луѓето да размислуваат не само за загубените животи, туку и за загубениот свет - културата, демократијата, пристојноста и начинот на живот што може да исчезне. Затоа, кога денешните лидери ја претвораат војната во холивудски спектакл, не тагуваме само за реториката, туку и за вредностите што таа некогаш ги бранела.

27 April 2026 - 08:45