Надуени глави и атрофирани гради: за што всушност зборува К. С. Луис во „Укинување на човекот“?

„Во еден вид морничава едноставност го отстрануваме органот, а ја бараме функцијата. Создаваме луѓе без гради, а од нив очекуваме доблест и иницијатива. Ѝ се потсмеваме на честа, а потоа сме згрозени кога ќе откриеме предавници меѓу нас. Кастрираме, па им наредуваме на кастратите да бидат плодни.“

Погорниот цитат е веројатно најпознатиот извадок од најфилозофската книга на К. С. Луис, „Укинувањето на човекот“ oд 1943 (често изваден од контекст, плус со превод на „луѓе“ со „мажи“- веројатно поради кастрирањето). Денес често се користи за пораки со „мачо“ реторика, како аргумент за физичка сила, вежбање и наводната слабост на современиот маж. Но, дали навистина тоа го мислел Луис? Дали тој повикува на некаков мачо-идеал?

Тешко дека тој самиот би можел да се опише како мачо-маж. Бил универзитетски професор, најголемиот дел од времето го поминувал читајќи и пишувајќи (најпознато дело му е „Хрониките на Нарнија“), се дружел со слични на него (на пример со Толкин), а неговата главна „физичка активност“ биле долгите прошетки во природа. Многу поверојатно е дека Луис под „правилно формиран човек“ подразбира човек од доблест, кој дејствува од љубов кон другите. Токму затоа овој цитат е клучен – во него се кристализира една од централните идеи на книгата.

Луис се повикува на платоновата поделба на човекот на глава, гради и стомак (или утроба). Главата го претставува разумот. Стомакот – апетитите, нагоните и основните желби. Градите се местото на волјата, срцевината на карактерот. Според Луис, правилно структурираниот човек е оној кај кого овие три делови се усогласени и соработуваат. Само таквата внатрешна хармонија овозможува живот во рамките на она што Луис го нарекува Тао – универзалниот морален поредок.

За подобро разбирање на овие ставови, корисно е кратко резиме на „Укинувањето на човекот“. Книгата започнува со критика на едно измислено училишно четиво за деца, кое Луис го нарекува „Зелената книга“, а авторите ги именува како Гај и Тициј. Во првото поглавје, Луис тврди дека оваа книга – без лоша намера – ги учи децата да живеат како „луѓе без гради“, односно без правилно оформена морална и емотивна структура. Тој предупредува дека младите генерации се особено подложни на лошо образование и дека општеството полека се оддалечува од Моралниот закон.

Потоа продолжува со мрачна прогноза: ваквото образование создава луѓе (не само мажи) со надуени глави и атрофирани срцевини. Тој тврди дека постои универзален морален или човечки закон, кој го нарекува Тао. Оваа книга не е аргумент за христијанството (иако Луис бил христијански теолог), туку тврдење дека постои морален поредок што сите цивилизации го препознале: љубов кон ближниот, забрана за убиство, правда. Овие закони не се човечки изум, туку се „запишани или втиснати во нашите срца“.

Градите (местото на срцето), вели Луис, се местото каде што се оформуваат нашите најцврсти желби. Тие посредуваат меѓу разумот (главата) и потребите (стомакот). Затоа градите се клучни за останување во рамките на Тао. Ако разумот и нагоните не се водени од правилно оформена волја и карактер, човекот неизбежно се оддалечува од моралниот поредок. Оттука доаѓа и „укинувањето на човекот“ – распадот на општеството и на човештвото какво што го познаваме. Луис ја критикува „Зелената книга“ токму затоа што станува збор за популарно детско четиво: ако воспитуваме луѓе без гради, општеството ќе го изгуби својот морален компас и ќе западне во хаос.

Важно е и историското искуство на Луис. Тој учествувал во Првата светска војна и ја пишувал книгата во текот на Втората светска војна. Ги видел ужасите на војната и подемот на тоталитарните режими. Иако не бил пацифист, јасно сфатил дека општество надвор од Тао е општество во кое моќните ќе владеат над слабите. Кога моралот станува субјективен, законите стануваат алатка за угнетување.

Историјата ни нуди и реални примери: Сталин, Хитлер и други лидери кои создавале сопствени морални закони и дејствувале надвор од Тао. Но Луис нè предупредува дека не мора да гледаме само во диктаторите – потенцијалот за такво зло постои во срцето на секој од нас. Само животот во рамките на моралниот закон му овозможува на човекот вистински да напредува.

По сето ова, станува јасно дека Луис не повикува на мачо-идеал на физичка сила и „големи гради“ во смисла на напумпани мускули. Тој зборува за доблест, карактер и срце. 

Види претходно: Букбокс гледанка за „Последната сесија на Фројд“ - фиктивна средба помеѓу современиците К. С. Луис и Сигмунд Фројд

10 January 2026 - 10:58