Кога фрустрацијата на гледачите ќе стане петиција

Два дена пред последната епизода Stranger Things, онлајн петицијата во која што се тврди дека „нешто ни криете и не ни пуштате“ и се бара да се „ослободат“ скриените снимки достигна над 300.000 потписи.

Пазете - спојлери за последните излезени епизоди од петтата сезона.

Значи не само што се разочарани од приказните и развојот на ликовите, разочарани се и од исходот на сцената каде што Вил Бајерс објавува дека е геј. Имено, според повеќето разлутени гледачи, Вил „мора да заврши со Мајк“.

Мајк, како Мајк Вилер, неговиот комплетно хетеро другар што ѝ е дечко на Елевен. Не застанаа на петиција, туку и го бомбардираа филмот со негативни критики, а имаше и некој што ја измени Википедија-страницата на креаторите, браќата Дафер, и напиша дека „во слободно време многу сакаат да лажат народ дека во приказната ќе има квир лица“.

Од понормалните тврдења, ако може така да се каже, сметаат дека многу сцени се исечени, што поради најавените два часа од епизода што на крај станаа по околу еден час, што поради некои сцени кои како да беа продолжение од нешто неприкажано.

Да речеме, за поупатените и тие што ја гледаа последната достапна епизода: Макс и Вил се поздравија многу срдечно, а тие два лика немале многу заеднички сцени, па има луѓе на интернет што тврдат дека дознале „од сигурни извори дека имало сцени каде што Вил, Елевен, Макс и Холи биле заедно во Upside Down.“

Ете такви работи.

Сепак, без разлика дали има deleted scenes или не, „Cutgate“, како што го викаат скандалот - не е некој скандал: продукцијата може да прави што сака и како сака да го обработува материјалот, без разлика дали тоа ќе биде на крај добро изведено или не.

Тоа што публиката мисли дека треба да ѝ се остваруваат желби само зборува за тоа колку голем културен феномен е Stranger Things, а и новото време на „правење ќеифови“ на размазени гледачи.

30 December 2025 - 23:49