ЧетГПТ не издржа долго без реклами

Откако за три години го прошири ЧетГПТ до речиси милијарда луѓе, Опен АИ сега планира како да ги покрие своите загуби од десетици милијарди долари годишно, секако на штета на корисниците. Следејќи го примерот на Гугл, компанијата на Сем Алтман развива нов тип на дигитално рекламирање, прилагодено на интересите на корисниците. 

Врз основа на пребарувања и споделувањето лични податоци, јазичниот модел веќе создава профил за секој корисник и ги прилагодува одговорите. Базата со профили на 800 милиони луѓе што барем еднаш неделно го користат ЧетГПТ е огромна вредност за Опен АИ, која сака да им ја продава на огласувачи.

Тој систем веќе го применија Гугл со својот пребарувач и Фејсбук, откако станаа ултрапопуларни.

Според порталот The ​​Information, компанијата за ВИ настојува да создаде нов вид дигитални реклами, кои би биле релевантни за интересите на корисниците, врз основа на досегашното искуство. 

Како што ChatGPT станува поспособен и пошироко користен, бараме начин да продолжиме да нудиме повеќе интелигенција на сите. Во овој контекст истражуваме како би можеле да изгледаат рекламите во нашиот производ. Луѓето имаат доверлив однос со Чет ГПТ и секој пристап би бил дизајниран да ја почитува таа доверба, изјавиле од Опен АИ.

Извори од Опен АИ велат дека на големо се води дебата како да се пласираат спонзорираните содржини. Не се исклучува можноста персонализираните содржини да добијат преференцијален третман, односно да бидат дел од одговорите. Се разгледува и можноста да се додаде посебна лента, издвоена од полето за комуникација, на која би се прикажувале реклами поврзани со актуелната тема на разговорот. Оваа лента би можела автоматски да се појавува само кога разговорот се движи кон купување или кон услуги.

Опен АИ сега има три главни извори на приходи - претплатите за напредните верзии Plus, Pro и Business, пристап до API за програмери и корпоративни решенија. Компанијата планира да го укине бесплатниот пристап и да наплаќа скромна претплата од 2 долари годишно, која би пораснала до 15 долари во 2030 година.

Овие извори не му се доволни на Опен АИ за да оствари профит. Уште од основањето во 2015 година, компанијата работи со загуби, кои во 2028 година е проектирано да изнесуваат 74 милијарди долари. Сепак, инвеститорите продолжуваат да вложуваат десетици милијарди долари секоја година, без да очекуваат брзо оплодување на парите.

Рекламите може да бидат важен извор. Гугл, за споредба, од рекламниот бизнис во 2023 година добил 237,8 милијарди долари, што претставувало 77% од вкупните приходи. 

29 December 2025 - 15:36