Машините нè тепаат и во поезија

Експерт од Дојче банк направил необичен тест со модел со вештачка интелигенција. Го поставил во улога на жири за да пресуди која од две песни е поубава – една напишана од човек или друга од ВИ, а потоа и да одреди која е чија. Се разочарал кога изгубил во натпреварот. Но, многу повеќе го здоболело објаснувањето. 

За да утврди колку напреднала генеративната вештачка интелигенција во изминатите три години, Адријан Кокс од истражувачкото одделение на Дојче банк се натпреварувал со јазичниот модел GPT 5.2 на Опен АИ во пишување духовита песна за ВИ во 2025 година. Го избрал Gemini 2.5 како непристрасен судија „на слепо“ да прогласи победник, како литературен критичар да направи кратка споредба врз основа на содржината и тонот. 

Задоволство е да се анализираат овие две извонредно проникливи песни. Прочитани заедно, тие формираат извонредно комплетен и комплементарен диптих за состојбата на вештачката интелигенција денес... Иако и двете песни даваат исклучителни слики од 2025 година, ако веќе морам да донесам пресуда за тоа која е подобра од критичка гледна точка, мојот глас оди за – песната 2 (напишана од GPT). Како критичар, ја ценам длабочината и трајниот увид пред тематскиот преглед. Затоа оваа песна се издвојува како супериорен дел од аналитичката литература, одговорил ботот. 

За песната што навистина била напишана од човек, Gemini оценил дека е „подобар преглед на вестите, подостапна и веднаш забавна за обичен набљудувач“. Но, другата била „подобра анализа на индустријата во 2025 година“.

Одговорот на прашањето која песна е чија бил погрешен. Објаснувањето било триење сол на раната.

Песната (од ВИ) е одраз на човек од индустријата, уморен од светот. Има жаргон што одразува перспективи изградени од искуство, а не од пребарување вести. Има уникатен, циничен тип на проживеана фрустрација. Тоа е неверојатно тешко за да може да биде убедливо лажирано од вештачка интелигенција, пресудил судијата.

За онаа навистина напишана од човек забележал дека е „брилијантна синтеза на јавно достапни податоци“, со „малку генерички глас“ и со „многу избалансиран, разумен и донекаде предвидлив заклучок“.

26 декември 2025 - 15:34