Џереми Кларксон: Не е ни чудо што младите се толку напорни

Да, подраго им е да се снимаат отколку да работат, ама и јас би се жалел да ми чинеше првата куќа зилион фунти.

Веќе два месеца сакам да ја напишам оваа колумна, ама аргументите се толку големи и сложени што никако не можев да ги наместам во глава. И сè уште не можам. Ама ќе ја напишам сепак, можеби вие ќе имате одговори.

Како и повеќето постари луѓе, очајувам од денешната младина. Ги гледам со нивните досадни шишиња за вода, со протестите против секоја можна работа, со идентификувањето како кучиња и со постојаните тврдења дека имаат нарушување во менталното здравје толку тешко, што не можат да се замислат како губат време во работење.

Се слуша дека во моментов двајца од петмина на возраст меѓу 16 и 24 години се „економски неактивни“. Буквално не прават ништо корисно со своите животи. А веруваат дека ако на милијардерите им се наметнат повисоки даноци, ќе можат да продолжат да не прават ништо до крајот на животот.

Сето тоа е, се разбира, смешно. Но неодамна, во еден момент на тивка рефлексија, почнав да се прашувам дали навистина не треба да ни е жал за нив. Зашто кога јас имав 25 години, просечната куќа чинеше трипати повеќе од тоа што просечен човек заработуваше за една година. Денес тој однос е 7,7 пати. Односно - од „тешко е да купиш куќа“ до „речиси невозможно“.

И која е поентата да се трудиш да се качиш на првата „имотна скала“ кога едноставно не можеш? И секаде е истата приказна. Кога почнав да работам во локален весник, земав 22 фунти неделно плус 5 фунти за трошоци. Не беше многу, ама можев да си платам кирија, бензин, а ми остануваше и за по некоја кригла во паб или билет за кино.

И не, моите родители не ми помагаа. Ме избркаа од школо, па беа разочарани и ми рекоа да се снаоѓам. И бев сам. Ама се снајдов. Денес, не сум сигурен дека тоа е можно. Цело време слушам за млади кои имаат пристојни плати, а сепак не можат да си дозволат кирија, излегување навечер или одмор. А купување автомобил е научна фантастика.

Што е уште полошо, многумина ми велат дека не можат да си дозволат да имаат деца. Зашто едниот од парот би морал да престане да работи, а тогаш не би можеле да отплаќаат хипотека. Градинки? Како да не. Лесно е да се види зошто толку млади избираат воопшто да не работат. Зашто каква е смислата да си роб за плата ако тоа значи дека немаш никаков живот?

Се прашувам дали затоа станале толку досадни. Се убедуваат дека алкохолот е штетен за нивното здравје, дека поседувањето автомобил е штетно за планетата, и дека е поубаво да се живее во комбе отколку во куќа - за да си оправдаат колку им се празни, тажни и трезни животите. „Не нè натераа да живееме вака. Ние така сакаме“, велат тие. Ама ги натераа. И не сакаат така.

Не е тешко да се сфати каде тргнало наопаку. Реакцијата на владата на ковид дефинитивно е фактор. Тогаш младите научија дека државата ќе плати за сè, и дека ќе ги добијат потребните оценки на испитите, без разлика на сè. Не прави ништо. Добивај награда.

А тука се и социјалните мрежи. Ако поминуваш осум часа на ден на ТикТок - а тоа не е ништо необично за дваесетгодишници - тогаш во глава ќе ти се вреже дека не ти треба работа; само одиш на Бали и се преправаш дека продаваш биткоини.

Социјалните мрежи изгледа се дизајнирани да ти кажат дека дома е ужасно, а на плажа е секогаш подобро. И сè што треба да направиш за деновите да ти поминуваат во сурфање е да им кажеш на властите дека имаш ментален проблем.

Но, иако е лесно да се види зошто сè отишло наопаку, тешко е да се каже што треба да се направи за да се исправи. А итно мора нешто да се направи. Зашто светот што младите го создаваат можеби звучи идилично, ама сепак ќе им треба некој да им бере авокада и да им ги прави тие идиотски шишиња за вода.

Имам ли одговор? Не. Ама ми е јасно дека првиот приоритет е млад човек барем некако да може да си дозволи куќа. Може ли да се намалат цените на куќите? Не знам. А може ли да се зголемат платите? Па да, очигледно, ама по која цена? Повторно - не знам.

Едно од прашањата со кои се мачам е дали има конечна сума пари во британската економија, и дали можеби премногу од тие пари завршиле во џебовите на малкумина. Сигурно има разлика меѓу богатите денес и богатите во моето детство. Ако го споредиме Ноби Стајлс со Ерлинг Халанд, ќе сфатиме. Богат во седумдесеттите значеше да имаш автомобил. Богат денес значи да имаш цела колекција автомобили. И авион.

И тука се враќаме на прашањето. Ако некој има доволно пари за да си купи G650, дали тоа значи дека илјада деца во Хадерсфилд ќе немаат доволно за една кригла? Не сум економист, па не знам.

Она што го знам е дека ако му земеш пари на човекот со G650 и ги дадеш на некој ТикТокер што излегува од дома исклучиво за да урла „Палестина“, тоа нема да помогне. Зашто нема да му даде порив. А поривот е тоа што го врти светот.

Ете, стигнавме до крајот на оваа тешка колумна, а единствено што направив е да констатирам дека имаме голем проблем. И дека ќе треба некој со голема мудрост и длабоко економско знаење за да најде решение. А она што ме загрижува е што лицето кое во моментов е задолжено за таа задача е Рејчел Ривс.

25 August 2025 - 11:13