
Новиот модел патика на „Адидас“ е инспириран од традиционалните „хуараче“ сандали кои ги носат домородците од селото Вила Идалго Јалалаг, во мексиканската држава Оахака. Тој е креиран од американскиот дизајнер Вили Чаварија, кој не ги вклучил селаните во процесот на изработка.
Во соопштение, „Адидас“ истакна дека го цени културното наследство на домородните заедници во Мексико и значењето на нивните занаетчиски вештини, додавајќи: „Јавно се извинуваме и ја потврдуваме нашата посветеност да работиме низ дијалог со заедницата.“
Претседателката на Мексико, Клаудија Шеинбаум, го оцени дизајнот како „неприфатливо културолошко присвојување“, објаснувајќи дека големи компании преземаат производи, идеи и дизајни од домородните заедници, што практично претставува крадење интелектуална сопственост. Гувернерот на Оахака, Саломон Хара, истакна дека хуарачите од Јалалаг се дел од културното наследство на заедницата, традиција пренесувана со генерации и дел од нејзиниот идентитет, предупредувајќи дека тие не смеат да се третираат како обична стока за широка потрошувачка.
Мексико во 2022 година донесе закон за заштита на интелектуалната и културната сопственост на домородните и афро-мексиканските народи, со кој неовластената употреба се казнува со парични казни или затвор.
Дизајнерот Чаварија, поранешен потпретседател за дизајн во „Келвин Клајн“, изјави дека е „длабоко потресен што дизајнот бил присвоен без директна и суштинска соработка со заедницата од Оахака“, додавајќи дека неговата намера била да му укаже чест на културниот и уметнички дух на регионот, но дека проектот не успеал да ја исполни таа цел.