Очигледно е дека борците на Боко Харам во Нигерија се одлучни во тоа да победат во натпреварот за најбрутална терористичка група на светот. Тие во својата лудачка желба за убивање хараат низ села и градови. Истовремено, испраќаат се помлади девојчиња во самоубиствени напади. Во текот на викендот, наводно, едно 10-годишно девојче изврши самоубиствен напад. Непосредно пред Божиќ едно 13-годишно девојче со експлозив врзан околу струк исто така изврши напад.
Во текот на изминатите месеци се покажа дека Боко Харам сака само да шири страв и трепет. Нивното видување на религијата е извитоперено и тие одамна немаат ништо со вистинската вера. Самопрогласените "борци за Исламот" нови следбеници можат да добијат само со пари или закани.
Без негодување заради теророт
Меѓутоа не е застрашувачка само бруталноста на теророт. Застрашувачко е и што теророт не предизвика никакво негодување. Додека во Франција и низ светот милиони луѓе излегуваат на улица за да изразат презир кон убиствата во Париз, во Нигерија, и покрај илјадниците мртви, и понатаму молчат.
Следното е уште полошо: во Нигерија никогаш не се одржани протести вредни за споменување. Ретките активисти кои се уште секојдневно демонстрираат во главниот град Абуџа барајќи ослободување на девојчињата киднапирани во април 2014-та, се мала група. Сепак, иницијаторите на кампањата "Вратите ни ги девојчињата" (Bring Back Our Girls) во мај минатата година доживеаа да добијат солидарност од цел свет.
Кој треба да се поддржува?
Ова покажува дека луѓето во Европа и Северна Америка се сосема подготвени да се ангажираат, знаат за кого и за што. И сега, по нападите во Париз, германските политичари укажуваа на тоа дека и масакрот во Нигерија заслужува внимание. Медиумите редовно известуваа за тоа. Па зошто луѓето и наспроти тоа не излегуваа на улица?
Една од причините може да е беспомошност, ако се има предвид дека елитата и очигледно голем дел од општеството во Нигерија кои не се заинтересирани за насилството во сопствената земја. Додека францускиот претседател ја повикува својата земја и половина свет на протести кои сам ги предводи, нигерискиот претседател Џонатан Гудлак и по ужасните напади без проблеми се појавува на роденденски славја и венчања. Измеѓу тој испраќа сочувства во Пакистан и Франција, а за драмата на северот од својата земја се огласува со одлагање.
Пасивното нигериско цивилно општество
А нигерискиот народ? Изгледа дека по шокот тие паднаа во состојба на премаленост - со погледот упатен кон претседателските избори и со надеж дека некако се' ќе се промени. Освен ова, на социјалните мрежи и во весниците луѓето меѓусебно се закрвени. Секој што верува во нешто поинакво или што го поддржува другиот претседателски кандидат се обвинува за терор. Како тука може да се очекува солидарност? Со кого или за кого луѓето во Берлин, Њујорк или Капштат би требало да излезат на улица?
Сепак, политичарите во Европа и САД, но и во самата Африка, делуваат беспомошно како и нигериското граѓанско општество. Камерунскиот претседател Пол Бија, соочен со новите терористички закани против неговата земја, повторно побара меѓународна помош. Соседните држави на Нигерија, но и Франција, САД, Велика Британија, па и Кина, повеќе пати и нудеа помош на Абуџа. Сепак САД неодамна повторно ја намалија својата помош на нигериската војска, затоа што не забележале дека земјата води сериозна војна против Боко Харам. Соседните земји, Нигер и Камерун, очигледно имаат сличен став кон состојбата.
Нигерија, значи, пред се самата ја сноси кривицата ако не добива помош. Тоа е страшно затоа што цената не ја плаќаат само политичките елити. Цената секој ден ја плаќаат се поголем број на жртви - христијани, муслимани, мажи, жени, деца.