Што е со носталгијата по југословенската економија?

Дилемата не е околу "добрите времиња," дилемата е дека тие добри времиња не се базирале на економија изградена на стабилна основа како што тоа сакаат да веруваат најголемиот дел од луѓето што живееле во овие добри времиња.

 

Ако се анализираат економските индикатори, очигледно е дека идејата за силата на југословенската економија е илузија. Најдобар знак за тоа е периодот по смртта на Тито кога во 80-те СФРЈ постојано го одложуваше почетокот на враќањето на надворешниот долг заради финансиската слабост на економијата, тврди докторандот на Универзитетот Гвелф во Онтарио, Предраг Рајсиќ.

"Во 1991-ва Југославија имаше надворешен долг од 20 милијарди долари. Претходно, ММФ го намали вкупниот долг на Југославија за околу 1,8 милијарди долари затоа што земјата не можеше да ја исплати каматата, а камоли па основицата. Што се случуваше пред ова? На ова му претходеа неколку децении градење на економија која беше така структурирана што нејзиното преживување зависеше од постојано зголемување на надворешниот долг - зависничка економија," пишува Рајсиќ во текстот објавен од Институтот Лудвиг вон Мизес.

Во анализата на долгот на Југославија, Рајсиќ објаснува дека во периодот од 1961-ва до 1981-ва, тој се зголемува за 17,6% годишно. Кога се' би останало исто (и држава и процент на задолжување на годишно ниво), денес вкупниот долгот би изнесувал 6.000 милијарди долари.

Иако е точна и математиката дека денес вкупниот долг на Екс-Ју републиките е околу 150 милијарди долари, тој објаснува дека 20-те милијарди долари од 1991-ва, по курс од 2014-та изнесуваат околу 100 милијарди долари. Што значи дека од крајот на 80-те, долгот на поединечните републики пораснал за околу 50%.

"Овие податоци покажуваат дека приказната што често ја слушаме за 'херојското издигнување од пепелот' на Југославија по Втората светска војна, не е целосна. Прво, не е јасно колку херојски било сето тоа, посебно ако се должи на неиздржливо позајмување. Второ, тешко е да се даде процена на овој успех ако не знаме како другите држави се имаат 'издигнато од пепелот.'

Дури и сумата од 12 милијарди долари што земјите од Западна Европа ја имаат добиено за помош како дел од Маршаловиот план, бледее во споредба со 47-те милијарди долари што Југославија ги доби во форма на индустриска опрема и пари за репарација на воените штети по Втората светска војна. Дополнително има силни докази дека улогата на Југославија во интересите на САД по Втората светска војна е на слично ниво на улогата на Западна Европа," објаснува Рајсиќ.

автор: Предраг Рајсиќ
извор тука

24 март 2014 - 11:12