Во интервју за Лупига, Николаидис објаснува дека умешностa на Ѓукановиќ во неговото 25 годишно владеење е тоа што тој "отсекогаш бил сигурен партнер на Западот."
Откако ја мина целата независност обидувајќи се да докаже дека безбедносните служби на земјата не се под контрола на про-руски шпиони, Црна Гора неочекувано доби поддршка од Германија и САД за зачленување во Алијансата. По него, причина за ваквиот пресврт не е дека властите се потегнале и ги исчистиле службите, туку дека сега НАТО е подготвен да ја прими Црна Гора без никакви предуслови. Николаидис објаснува дека Црна Гора е "последното парче европско крајбрежје на Медитеранот кое се уште не е во НАТО."
Во однос на тоа што Ѓукановиќ одлучил да го признае Косово и да воведе санкции кон Русија, и покрај противењето на најголемиот дел од гласачите, тој смета дека долговечноста на власта на Ѓукановиќ е токму тоа што тој не се осврнува премногу во анкетите на јавно мислење.
"Да не се лажеме, во апсолутно демократска атмосфера да се прашуваа граѓаните тие во 1999-та би изгласале да се бориме со НАТО пактот до последен човек и последна зграда. Да се прашуваат граѓаните денес Црногорците со мотики би тепале хомосексуалци по улици. Да се прашуваа граѓаните којзнае кога ќе беше укинато робовладетелството во САД," објаснува Николаидис.
Неговото објаснување за успехот на Ѓукановиќ (човекот со мали паузи владее од 1991-ва) се сведува на тоа дека "неговата партија е крајно организирана, со армија активисти кои секојдневно работи на теренот. И во таа работа на терен има работи кои секако не би им прошле во, да речеме, демократии од вестминстерски тип, ама на Балканот проаѓаат. Судејќи по се' Црна Гора е првата следна членка на НАТО и ЕУ. Што кажува ова? Дека начинот на владеење на Ѓукановиќ не е неприфатлив за Западот. Напротив. Ниту денес во време на новата Студена војна, Западот не сака да ја види про-руската опозиција на власт во Црна Гора."
"Прашањето е: дали криминалната транзиција, општиот лоповлук на првобитната акумулација на капиталот, можеше да биде избегната? Во сите екс-Ју држави се случи истото: сеопшт грабеж. Има ли ЕУ проблем со тоа? Нема. Може ли правната држава да го реши овој проблем? Не може, затоа што правната држава и правото постојат за да ги сервисираат интересите на владејачката класа. Правната држава не е исто што и праведна држава. Што е единственото решение? Национализација. Дали е тоа реално решение? Не е. ЕУ прва би се спротивставила на тоа. Ниту Сириза не се осуди да го направи тоа," разлага Николаидис околу блиската историја на Балканот.
Околу можноста за постоење на трета опција во Црна Гора, неговата процена е дека земјата прво треба да влезе во Унијата, и да се создадат услови за досадни избори, на кои нема да се бира меѓу историски одлуки, цивилизации и воени блокови. Дури тогаш ќе може да се појави нешто кое ќе биде "третиот пат."
Неговите најголеми очекувања од ЕУ и НАТО се конечно да влезе во нив за да може да биде нивен критичар.
"Сакам да се завршат евроатланските интеграции на Црна Гора, што конечно ќе овозможи промена на власта, воведување на функционална демократија блаблабла... Освен тоа, емпириски е докажано дека НАТО е добар за левичарската теорија. Дали сте забележале дека најголемите левичарски мислители на денешницата доаѓаат од НАТО земјите: Америка, Велика Британија, Франција, Италија, Словенија... Ја сакам позицијата што ја има секој просечен западен интелектуалец: сакам да бидам дел од омразениот Запад и неговата воена машинерија, и тогаш да ги критикувам Западот и НАТО. Можете да ми кажете дека тоа е цинично. Ама јас ви кажувам, тоа е цивилизација," завршува Николаидис.